Гостиварски театар, фото: Фејсбук

По судските пресуди, вработените во Гостиварскиот театар трпат силен притисок и заплашувања, реагира СКРМ

СКРМ дојде до сериозно загрижувачки информации за состојбите во Театар Гостивар по донесените осум правосилни судски пресуди. Вработените во институцијата се изложени на силни притисоци и им се наметнува чувство на вина, како тие да се одговорни за финансиските обврски што произлегуваат од судските постапки. Дополнително, се заплашуваат дека поради нив, театарот може да биде затворен, а тие да останат без работа, реагира Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ).

Оттаму тврдат дека на вработените во театарот не им се доставува програмата за работа, со образложение дека средствата од програмата ќе се пренаменат за покривање на судските трошоци.

„СКРМ веќе цела година јавно укажува на последиците кои ќе настанат доколку министерот за култура не ја признае грешката во пресметката на платите во културата. Сите последици што произлегуваат од оваа состојба се директен резултат на таквите незаконски насоки и неодговорниот однос“, велат од Синдикатот.

Според СКРМ, вработените во културата не прават ништо повеќе од тоа што го користат своето Уставно загарантирано право – преку судски постапки да го остварат она што им следува, а, како што велат, им било ускратено со незаконски акти и упатства донесени од надлежните.

„Одговорноста за последиците мора да ја сноси оној што ги донел тие одлуки. Доколку продолжи притисокот врз вработените, СКРМ ќе ги преземе сите законски мерки за нивна заштита. Лицето кое врши притисок ќе биде јавно посочено, а против него ќе бидат покренати соодветни постапки. На крај, упатуваме јасна порака до в.д. директорот на Театар Гостивар: Правосилните судски пресуди мора да се почитуваат и спроведуваат. Платите на вработените треба да се пресметуваат согласно законите и колективните договори, во целост како што е утврдено во судските одлуки. Непочитувањето на судска пресуда претставува кривично дело“, стои во реакцијата на СКРМ.

Синдикатот на културата (СКРМ) пред две недели реагираше по предвременото разрешување на директорот на гостиварскиот театар, Сулејман Рушити, прашувајќи дали се работи за реваншизам од министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Во Решението што го објави СКРМ стоеше дека Рушити е избран на 16 декември 2022, а се разрешува од директорката позиција пред истек на мандатот.

Исто така, посочија дека разрешувањето доаѓа откако во оваа институција биле донесени правосилни судски пресуди во корист на вработените во културата.

Дали разрешувањето на директорот на Гостиварскиот театар е реваншизам на Љутков, прашува Синдикатот на културата

Синдикатот на културата претходно месецов влезе во јавна војна со Љутков, против кого поднесоа и кривична пријава за „злоупотреба на службената положба и овластување, како и повреда на правата од работен однос“. Обвинија дека Љутков незаконски пресметувал плати, односно, како што рекоа, со насоки пратени и мејл и упатство што сам го изготвил и потпишал, се обидел да ги поткопа правата на вработените во културата и да ги девалвира колективните договори.

Синдикатот на културата поднесе кривична против Љутков: „Министерот не е над законот“

Од друга страна, Љутков обвинувањата ги окарактеризира како „целосно неосновани и неточни“, тврдејќи дека никогаш не постапувал самоволно, ниту ускратил законски загарантирани работнички права.

„Под притисок и со ултиматум не функционирам, никој од вработените во културата не е обесправен“ вели Љутков

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот