Се исуши древниот даб од легендата за Робин Худ, дрвото беше старо 1.200 години
Древниот даб познат како „Мејџр Оук“, кој се поврзува со легендата за Робин Худ, повеќе не пуштил лисја оваа пролет и се смета дека е угинат, соопшти Кралското друштво за заштита на птиците, пренесува „Дејли мејл“. Станува збор за околу 1.200 години старо дрво во Шервудската шума во Нотингемшир, едно од најпознатите природни обележја во Англија.
Препорачано
Според легендата, шупливото стебло на дабот било користено како засолниште од Робин Худ, што со текот на времето придонело за неговата светска препознатливост. Дрвото го добило името по мајорот Хејман Руке, кој во 1790 година го споменал во книга за дабови, по што започнал и првиот поголем бран на посетители.
Од Кралското друштво за заштита на птиците наведуваат дека големиот број посетители во изминатите две столетија придонел за набивање на почвата околу коренот, што го отежнало продирањето на дождовницата и снабдувањето на дрвото со потребните хранливи материи. Дополнително, се посочуваат и климатските промени, топлотните бранови и сушите како фактори што влијаеле на неговото слабеење.
Стручњаците за дрвја оценуваат дека кореновиот систем со години бил под притисок и постепено се исцрпувал. Иако точната причина не може со сигурност да се утврди, како фактори се наведуваат и долгогодишниот притисок од посетители, како и различни интервенции со кои тешките гранки биле потпирани со кабли и столбови.
Од организацијата „Вудленд траст“ истакнуваат дека древните дрвја како Мајор Оук претставуваат особено важен дел од природното наследство, иако нивното пропаѓање често се случува тивко и незабележливо. Според нив, овие дрвја се клучни за екосистемот, и нивното исчезнување има пошироки последици за природната рамнотежа.
Иако дрвото е заштитено од сеча уште од седумдесеттите години на минатиот век и е оградено за да се намали директниот контакт со посетителите, неговото здравје во последните години значително се влошувало. Последните истражувања покажале дека кореновиот систем бил „задушен и изгладнет“, а состојбата не можела целосно да се поправи и покрај обидите за санација на околината.
Локалните стручњаци наведуваат дека последните пет години со екстремни температури и долги сушни периоди дополнително придонеле за неговото пропаѓање, вклучувајќи и рекордни летни температури над 40 степени Целзиусови.
И покрај тоа што дрвото повеќе не е живо, се очекува да остане како природен споменик во Шервудската шума, каде што ќе продолжи да има улога во шумскиот екосистем.
Од Кралското друштво за заштита на птиците порачаа дека искуството со Мајор Оук треба да послужи како предупредување за потребата од посилна заштита на древните дрвја и шуми, бидејќи нивната судбина зависи од начинот на кој општеството се однесува кон нив.
Вечерва нѐ очекува спектакл на небото — пет небесни тела ќе се појават во една линија


