Роберт де Ниро - Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN / POOL

ВИДЕО | Роберт де Ниро повика на отпор кон Доналд Трамп: „Тој е непријател на Америка“

Холивудскиот актер Роберт Де Ниро повторно упати остри критики кон американскиот претседател Доналд Трамп, повикувајќи ги граѓаните на САД на отпор „за да ја спасат земјата“.

Во гостување во поткастот „Најдобрите луѓе“ со Никол Волас, Де Ниро изјави дека САД се наоѓаат во опасна политичка состојба.

„Нашата земја е во прашање, а Трамп ја уништува. Кој знае кои му се мотивите, но ова е болно и погрешно. Мораме да ја спасиме земјата“, рече актерот.

Тој директно го нарече Трамп „непријател на Америка“, додавајќи дека граѓаните не смеат да се залажуваат.

„Работата е едноставна. Сите мора да се здружиме за да ги тргнеме и да се вратиме на вистинскиот пат“, изјави Де Ниро.

Во текот на разговорот повеќепати нагласи дека единствениот начин е истраен отпор.

„Луѓето мора да се спротивставуваат, повторно и повторно. Нема магично решение. Дури и ако Трамп утре исчезне од политичката сцена, делови од тоа движење ќе останат. Народот мора да го неутрализира“, порача актерот.

При крајот на интервјуто, разговорот доби поемотивен тон, кога водителката го потсети на неговиот говор при освојувањето на Оскарот за филмот „Разјарениот бик“ (Raging Bull) во 1981 година. Де Ниро тогаш им се заблагодари на соработниците и истакна дека секогаш се труди да ги „воздигне луѓето околу себе“.

„Морате да ги издигнувате луѓето. Морате да ги обединувате. Не можете да ги делите. Така не се победува“, рече актерот со треперлив глас.

Де Ниро со години е еден од најгласните критичари на Трамп во Холивуд. Неговите најнови изјави повторно ја разгореа јавната дебата за улогата на јавните личности во политиката и за границата меѓу уметноста и активизмот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот