Лиле Поповска бара Уставниот суд да побрза со нејзината иницијатива за Протоколот со Бугарија
Поранешната пратеничка и потпретседателка на Собранието, Лилјана Поповска, испрати ургенција до Уставниот суд барајќи да се забрза постапката по нејзината иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Македонија и Бугарија, потпишан на 17 јули 2022 година во Софија.
Препорачано
Во дописот, Поповска потсетува дека уште на 13 август лани, Уставниот суд реши да поведе постапка по нејзината иницијатива, но речиси една година подоцна, сè уште не е закажана јавна расправа, ниту е донесена конечна одлука.
Таа наведува дека со тоа се надминати роковите предвидени во Деловникот на Уставниот суд, вклучително и рокот од 30 дена за доставување одговор од органот што го донел оспорениот акт, како и рокот од три месеци за подготовка на реферат за седница.
Поповска бара Судот во догледно време да организира јавна расправа и потоа да донесе одлука со која ќе утврди дека Протоколот не е во согласност со Уставот, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори и Законот за надворешни работи, поради што треба да биде поништен или прогласен за правно ништовен.
Во ургенцијата таа повторува дел од аргументите наведени во иницијативата. Според неа, Протоколот не бил ратификуван во Собранието, не бил објавен во законски предвидената постапка и не била испочитувана процедурата за негово договарање и усвојување. Таа оценува дека документот излегува надвор од рамките на акт што треба да обработува одредби од Договорот за добрососедство и дека има последици врз идентитетските прашања, јазикот и историјата на македонскиот народ.
Поранешната претседателка на ДОМ тврди дека Протоколот претставува „невалиден акт“ кој содржи сериозни правни недостатоци и политички импликации, додавајќи дека со него се отвора простор за условувања што, според неа, директно влијаат врз македонските евроинтеграции.
Поповска ја поднесе иницијативата до Уставниот суд на 24 јули 2025 година, а таа наиде на остри реакции во Бугарија, каде Поповска беше прогласена за продолжена рака на премиерот Христијан Мицкоски.
ВИДЕО | Запалени се дипломатски возила пред Бугарската амбасада во Скопје


