Анкета: Луѓето од целиот свет сè помалку им веруваат на Трамп и на САД
Ново истражување објавено вчера од Истражувачкиот центар Пју покажа дека глобалната доверба во претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, останува ниска, додека перцепцијата за САД како сигурен партнер продолжува да опаѓа, јавува Анадолу.
Препорачано
Спроведено помеѓу февруари и мај 2026 година меѓу 42.151 возрасно лице во 36 земји, истражувањето покажа дека само 23 отсто од испитаниците веруваат во лидерството на Трамп во справувањето со светските проблеми, додека околу две третини изразиле мала или никаква доверба.
Довербата во Трамп се намалила во 16 од 24 земји и не се подобрила во ниту една, покажа анкетата.
Ставовите за САД беа исто така во голема мера негативни: 37 % имаа позитивно мислење, во споредба со 57 проценти кои имаа негативно мислење. Оцените паднаа во 15 земји, со остри падови во Индонезија, Италија, Нигерија, Јужноафриканската Република и Јужна Кореја.
Перцепциите за глобалната улога на САД, исто така, се во опаѓање. Само 35 отсто од испитаниците рекоа дека САД придонесуваат за глобалниот мир и стабилност, а 32 проценти веруваат дека ги земаат предвид интересите на другите земји во својата надворешна политика.
Падот е особено забележлив кај долгогодишните сојузници. Во Канада, процентот на оние кои ги сметаат САД за сигурен партнер се намали од 83 отсто во 2022 година на 35 проценти денес. Во Германија, процентот на оние кои веруваат дека САД ги земаат предвид интересите на другите земји се намали од 60 отсто пред три години на 23 проценти.


