Со аргументи на нејзина страна, компанијата „МЕПСО“ ја обжали одлуката донесена во корист на „Енергоинвест“

Компанијата „МЕПСО“ ја обжалила одлуката на предарбитражното тело за спорови, кое одлучи во корист на компанијата „Енергоинвест“ од Сараево, која требаше да го гради интерконекторот кон Албанија.

Од МЕПСО се убедени дека ќе ја добијат правната битка со „Енергоинвест“ посочувајќи дека аргументите се на нивна страна. Консултирале и две реномирани адвокатски компании од САД чие мислење е дека МЕПСО има многу јака основа за арбитража.

Актуелното раководство на компанијата вели дека одлуката за раскинување на договорот во декември 2024 година е донесена врз основа на опсежна анализа и дека е направена и форензика на договорот во кој се анализирани сите аспекти на проектот, а консултирани се и финансиерите кои укажуваат дека дури и да му биле исплатени дополнителните 7,7 милиони евра што ги побарал „Енергоинвест“, сепак тие не би биле во можност да го реализираат проектот затоа што целосно се потрпеле на подизведувачи од Струшко, кои имале искуство во градежништвото, но не и во енергетиката.

Реализацијата на проектот од страна на „Енергоинвест“ била само четири проценти на терен, односно биле поставени само 24 темели од вкупно планираните 269 темели, а компанијата во 2022 година го напуштила градилиштето и оттогаш до раскинувањето на договорот воопшто не се појавила- пренесува МИА.

Во текот на 2023 година, од претходните раководства на АД МЕПСО, на компанијата ѝ биле понудени два анекси на договорот, едниот во вредност од 2,8 милиони евра и вториот од 4,5 милиони евра, но и двата се одбиени од страна на „Енергоинвест“. Во мај 2023 година, согласно договорот, истекува рокот за завршување на работите, по што тогашниот Управен одбор на МЕПСО донел одлука за раскинување на договорот, но Надзорниот одбор ја стопирал и повторно на „Енергоинвест“ му се дава уште една шанса, по што конечната одлука е донесена во декември 2024 година.

– Убедени сме дека предметот ќе заврши во наша корист врз основа на сите документи и аргументи што ги имаме – велат од актуелното раководство на АД МЕПСО.

Посочуваат дека со неисполнување на обврските од страна на „Енергоинвест“, МЕПСО досега има изгубено 19,8 милиони евра.

Согласно одлуката од предистражното тело за спорови, МЕПСО треба да плати шест милиони евра отштета бидејќи еднострано го раскинала договорот со „Енергоинвест“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот