Ормуски теснец EPA-EFE/MEHDI DEHDAR

Иран предупреди дека е „неприфатливо и опасно“ бродови да поминуваат низ Ормускиот Теснец без негова дозвола

Иран вчера ги предупреди сопствениците на бродови дека секоја нова маршрута низ Ормускиот Теснец без координација со Техеран е „неприфатлива и опасна“ и се закани со мерки против пловила што не ги почитуваат условите, објави „ЦНБЦ“.

Острата порака ја нагласува решеноста на Техеран да ја задржи контролата врз Ормускиот Теснец и да се спротивстави на транзити што ја заобиколуваат неговата дозвола.

Воедно, сè уште има неизвесност за бродските компании што пловат низ теснецот, и покрај договорот меѓу САД и Иран од минатата недела за повторно отворање на овој стратешки важен морски премин.

Поморските сили на Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) соопштија дека само бродските рути назначени од Иран се дозволени за пловидба и дека координацијата со иранските сили е задолжителна.

„Пловидбата надвор од овие рути е крајно опасна и забранета, и ги предупредуваме сите пловила строго да избегнуваат какво било движење надвор од одредените коридори“, соопшти морнарицата на ИРГЦ.

Иран објави нови правила за минување низ Ормускиот Теснец

Предупредувањето доаѓа по предлог на една клучна поморска информативна група која во саботата предложила алтернативни бродски коридори, повикувајќи ги сопствениците на бродови да го користат јужниот правец низ теснецот со вклучени транспондери.

„Јужната транзитна маршрута, долж територијалните води на Оман, е потврдена како чиста од мини и е препорачана“, се наведува во известувањето.

Податоците за сообраќајот укажуваат на привремено закрепнување. Бројот на транзити се зголемил на 93 минатиот викенд, според податоците на компанијата „Маринтрафик“ за следење на бродови, но сè уште е далеку под нивоата од пред војната, кога низ теснецот минувале повеќе од 100 бродови дневно.

„Операторите сè уште се движат претпазливо, наместо да се вратат на целосно нормални шеми на сообраќај“, соопшти компанијата.

Аналитичарите предупредуваат дека каква било форма на иранска контрола може да има долгорочни последици врз протокот на нафта низ теснецот, бидејќи сообраќајот можеби нема целосно да се врати на предвоените нивоа доколку Техеран задржи стратешка контрола врз морскиот премин.

Америка ги олесни санкциите за иранската нафта — Техеран негира дека прифатил да ги прими назад нуклеарните инспектори

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот