ВИДЕО | Багер влезе кај објект од 1927 година во Охрид, активисти велат дека се спрема терен за нова зграда
Наместо да се заштити овој уникатен објект, за кој уште минатата година реагиравме и го вклучивме во листата објекти кои сметаме дека треба да се прогласат за споменици од културата, а која листа планиравме токму деновиве да ја доставиме до Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, денеска багери го израмнија теренот и урбаното зеленило околу објектот, реагира иницијативата „Охрид СОС“.
Препорачано
Според иницијативата, најверојатно се подготвува и уривање на самиот објект, изграден 1927 година.
„Како што може да се забележи на снимката, нема никаква заштита нити ознаки околу багерот, иако се работи веднаш до влез на основно училиште (‘Григор Прличев’). Дури и пешаци поминуваат до багерот кој го уништува зеленилото. Според оператерот на машината, се чистел теренот за да се започне изградба на станбен објект. Потсетуваме дека на нашите коментари и забелешки на стручната оценка за влијание врз животната средина токму за овој предлог проект, доставени минатата година сѐ уште не ни е одговоено. Огромната зграда која се предвидува е во спротивност на Планот за управување со природното и културно наследство на Охридскиот Регион, за што приложивме и голем број аргументи“, реагираа од „Охрид СОС“.
Активистите велат дека 1.000 потписници има и петицијата која се однесува на оваа урбана целина – за да се заштитат објектите дел од архитектонското наследство на минатиот век и училишниот парк.


