ФОТО+ВИДЕО | Лозано ја расплака публиката со песни од „ДНК“ и Тоше, арената се претвори во „ѕвездено небо“

Македонската поп ѕвезда Влатко Лозаноски – Лозано синоќа одржа голем солистички концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што салата беше исполнета со многубројна публика, која дојде да ужива во неговите најголеми хитови и во концертот насловен „Километри љубов“.

Вечерта започна со еден од неговите најпрепознатливи хитови – „Мандарина“, кој наговести одличен концерт.

Поздравувајќи ги присутните, Лозано не ја криеше возбудата што ја гледа преполната сала.

„Морам да ви кажам дека пред мене имам прекрасна глетка, драго ми е што ве гледам во толку голем број. Сакам вечерва да уживате – не се срамете да танцувате и да пеете“, им порача пејачот на обожавателите.

Фото: „Слободен печат“/Методи Здравев

Во текот на воведниот дел од концертот, тој ги поздрави и танчарките од танцовото студио „Бах“ од Струга, кои со своите кореографии го придружуваа на сцената и придонесоа за динамичната атмосфера на музичкиот спектакл.

По воведниот дел, концертот продолжи со низа песни кои ја одбележаа кариерата на Лозано. Меѓу првите беше емотивната „Надеж“, по што следеше „Блиску до мене“, песната со која се натпреваруваше на Скопскиот фестивал во 2009 година, но тогаш не успеа да ја освои победата и да ја претставува Македонија на Евровизија.

На сет-листата се најде и дуетската „Со тебе поубав е денот“, која во оригинал ја изведува со Анета Љумаковска, а на концертот овој пат ја испеа сам. Потоа се нижеа уште неколку од неговите препознатливи песни – „Како тебе нема друга“, „Бонбона“ и „Душо варљива“.

Еден од моментите кога целата сала пееше во еден глас беше за време на големиот хит „Сонце не ме грее“. Лозано во еден момент ја препушти песната на публиката, па илјадници гласови ја испеаја речиси целата строфа, создавајќи силна емоционална врска меѓу пејачот и обожавателите.

Фото: „Слободен печат“/Методи Здравев

Во еден од најтоплите моменти на вечерта, Лозано на сцената го изнесе и својот син Марко, кој носеше маичка со натпис „Километри љубов за тато“, што публиката го поздрави со силен аплауз.

Набргу потоа на сцената му се придружи и Александра Јанева, со која заедно ја изведоа песната „Не те вадам јас од памет“, а Јанева уште еднаш го потврди својот моќен вокал.

По дуетот следеше „Жена ко ти“, при што Лозано им го честиташе 8 Март на присутните дами и делеше црвени рози на жените во првите редови. Концертната вечер продолжи со уште два големи хита од неговиот репертоар – „Нема ден, нема ноќ“ и „Кога мене ќе ме немаш“.

Во вториот дел од концертот, на сцената му се придружи и  Никола Перевски – Пере од групата „Нокаут“, со кого ја изведоа песната „Лебедот бел“. Потоа Лозано седна на пијаното и изведе дел од своите омилени македонски песни, меѓу кои и „Не кани ме“ од Миле Кузмановски.

Фото: „Слободен печат“/Методи Здравев

Во тој дел од вечерта како гостин изненадување се појави и Мики Јовановски – Џафер, по што следеше и најемотивниот сегмент од концертот, посветен на големите имиња од македонската музика.

Меѓу нив беше и „Громови на душа“ од Тоше Проески, која публиката ја пееше во еден глас. Атмосферата стана уште поемотивна кога следеше делот посветен на членовите на „ДНК“. Во чест на своите пријатели, Лозано ги испеа „Срце“ и „Што сака нека биде“, а илјадници светла ја осветлија арената, создавајќи го еден од највпечатливите моменти на концертот – големо „ѕвездено небо“. Наместо минута молк, пејачот побара минута аплауз за Андреј и Панчо од „ДНК“. Додека публиката силно ракоплескаше, понесен од емоциите, Лозано не можеше да ги сокрие солзите на сцената.

По речиси два часа, концертот „Километри љубов“ заврши со хитот „Мандарина“, истата песна со која Лозано ја започна вечерта исполнета со одлична музика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот