Фото: Скриншот/ТикТок

ВИДЕО | Бред Пит и Едвард Нортон следеа натпревар на Светско, па станаа вирални на социјалните мрежи

За време на натпреварот меѓу САД и Турција на Светското фудбалско првенство, телевизиските камери уловија сцена што ги воодушеви љубителите на култниот филм „Боречки клуб“ (Fight Club)Бред Пит и Едвард Нортон седеа еден до друг во ВИП ложата на стадионот во Инглвуд, Калифорнија.

Двајцата актери, кои во 1999 година ги толкуваа главните улоги во филмот на режисерот Дејвид Финчер, веднаш предизвикаа лавина реакции на социјалните мрежи. Во „Боречки клуб“, во еден од најпознатите филмски пресврти, се открива дека нивните ликови всушност се една иста личност.

Нортон носеше маица од британскиот бенд „Рејдиохед“ и држеше пиво во раката, додека Пит беше облечен во дрес на американската репрезентација. До него беше и неговата партнерка Инес де Рамон, а двајцата видно расположено разговараа додека го следеа натпреварот.

Ова не е нивно прво заедничко појавување по снимањето на филмот, но секоја нивна средба буди носталгија кај обожавателите на култното остварување.


Иако денес важи за еден од највлијателните филмови на крајот од 20 век, „Боречки клуб“ првично доживеа голем комерцијален неуспех. Филмот беше снимен со буџет од 63 милиони долари, а во американските кина заработи само 37 милиони.

Во студиото „Твентит сенчури“ не можеле да разберат како проектот не успеал, особено затоа што повторно ги обединил Дејвид Финчер и Бред Пит по успехот на „Седум“ (Seven), а во актерската екипа бил и Едвард Нортон, кој тогаш важеше за еден од најдобрите актери на својата генерација.

Според многумина, најголемата грешка била маркетинг-кампањата, која го претставила филмот како акционен спектакл полн со тепачки. Публиката што очекувала таков филм не била подготвена за мрачната, сатирична и антикапиталистичка приказна, инспирирана од романот на Чак Паланик.

Голем број гледачи ја напуштале киносалата уште за време на првите проекции, а филмот добил оцена Б- во анкетата на „СинемаСкор“, што сериозно ги намалило неговите шанси за комерцијален успех.

Сепак, режисерот Дејвид Финчер останал цврсто уверен во квалитетот на филмот. Кога студиото не му дозволило да го промовира онака како што замислувал, тој лично се посветил на подготовката на ДВД-изданието.

Токму тоа издание, со богата дополнителна содржина, аудио-коментари и врвен квалитет на слика и звук, придонесе „Боречки клуб“ да стекне култен статус. Продадени беа повеќе од шест милиони примероци, а филмот заработи и над 50 милиони долари од изнајмување, со што на крајот стана финансиски успешен.

Пит и Нортон од прва рака ги почувствувале поделените реакции уште на светската премиера на филмот, одржана на 10 септември 1999 година на Филмскиот фестивал во Венеција. Дел од публиката ја напуштала салата, други негодувале и свиркале, а меѓу нив бил и тогашниот директор на фестивалот, Алберто Барбера.

Во исто време, низ салата непрекинато се слушала смеа од двајца гледачи – токму Бред Пит и Едвард Нортон.

Подоцна открија дека непосредно пред премиерата заедно пушеле марихуана, што, според нив, дополнително придонело уште повеќе да уживаат во необичните реакции на публиката.

„Кога дојде една од најскандалозните реплики на Хелена, човекот што го водеше фестивалот буквално стана и си замина. Едвард и јас бевме единствените што сè уште се смееја. Од балконот се слушаа двајца идиоти како се кикотеа цело време“, се присети Пит.

Нортон ја потврди истата приказна:

„Филмот беше исвиркан. Воопшто не поминуваше добро. Бред се сврте кон мене и ми рече: ‘Ова е најдобриот филм во кој некогаш ќе играм.’ Беше пресреќен.“

Уште едно дете се откажа од Бред Пит: Ќерката Вивиен повеќе не го користи неговото презиме

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот