Зои Блаж со сопругот Тадеј и со нивната ќерка Мариа/Фото: Приватна архива

Интервју со Зои Блаж: Мајчинството ги смени приоритетите, но со Тадеј се трудиме да одвоиме моменти и за нас

Мејкап артистката и пејачка Зорица Матијашиќ, позната како Зои Блаж, неколку години живее во Германија. Таа замина поради ракометниот ангажман на нејзиниот сопруг Тадеј Матијашиќ. Зои пред девет месеци стана мајка, а ќерката Мариа е сега центарот на нејзиното внимание. Во интервјуто за „Слободен печат“ зборуваме за предизвиците да се биде мајка, животот во Германија, желбата повторно да му се врати на шминкањето, но и колку ѝ недостасува Скопје.

Зои Блаж со сопругот Тадеј и со нивната ќерка Мариа/Фото: Приватна архива

Пред девет месеци стана мајка. Како е сега, го фати ли редот со сите обврски или сè уште се прилагодуваш?

– Искрено, првите месеци беа вистински ролеркостер, нов ритам, непроспиени ноќи и постојано учење. Сега, по девет месеци, веќе можам да кажам дека фатив некаков ред, но мајчинството секој ден носи нешто ново. Сè уште се прилагодувам, но веќе сум посигурна во себе и во тоа што го правам. Во секој случај, уживам максимално во сè со неа и многу сум среќна што ја имам.

Зои Блаж и Тадеј со ќерката Мариа/Фото: Приватна архива

Што ти е најтешко во Германија, каде што ги нема бабите и дедовците да помогнат? И што најмногу ти недостасува од дома?

– Најтешко во Германија е што ги немаме бабите и дедовците блиску. Понекогаш навистина би значело некој да ја причува Мариа барем на час-два. Но, ова се слатки маки и се навикнавме. Од друга страна, среќна сум што никој не се меша во она што го правиме и како ја воспитуваме Мариа. Најмногу ми недостасува семејството, спонтаните кафе-средби, другарките, работата и топлината што ја имаме дома во Македонија.

Какво бебе е Мариа и колку те промени мајчинството?

– Мариа е мирно и насмеано бебе, љубопитна и многу нежна. Мајчинството ме промени целосно, станав потрпелива, поорганизирана и многу почувствителна. Сега приоритетите ми се сосема поинакви и сè се врти околу неа.

Зои Блаж со ќерката Мариа/Фото: Приватна архива

Како ги делите обврските со Тадеј, колку ракометот дозволува да биде почесто со вас и да ти помага?

– Со Тадеј ги делиме обврските колку што дозволуваат. Тој работи и игра ракомет. Поради ракометот, често има тренинзи и натпревари, но кога е дома максимално се вклучува, ја капе, ја заспива, ѝ менува пелени. Тие моменти ми значат многу, бидејќи чувствувам дека сме тим. Моментите кога сме заедно максимално ги користиме и уживаме.

Успевате ли да најдете време за вас?

– Искрено, времето за нас како пар е ограничено, но се трудиме барем дома да одвоиме момент за разговор, филм или за заедничка вечера кога Мариа ќе заспие. Не е како порано, но има своја убавина.

Тадеј со ќерката Мариа/Фото: Приватна архива

Колку ти успеваш да најдеш време за себе и дали размислуваш да му се вратиш на шминкањето?

– Времето за себе е вистински предизвик. Понекогаш тоа е само кафе во тишина додека таа спие. Ми недостасува шминкањето и креативноста што ми ја носеше, и размислувам полека да му се вратам, барем како нешто мое, што ме исполнува. Сепак, наоѓам време и да се снимам, да сработам некоја реклама или ангажман што ги имам. Честопати и Мариа е дел од сè и многу ме радува што сака да се снима и да се фотографира – се гледа дека талентот ќе го има од мама.

Каков е животот таму, со кого се дружиш? Имаш ли пријателки или други мајки со кои можеш да испиеш кафе и да споделиш моменти?

– Животот таму е поинаков, помирен, но искрено не се пронаоѓаме многу. Сè додека Тадеј е ангажиран, ќе бидеме тука, но се надевам дека за брзо ќе си одиме. Имам неколку пријателки и запознав и други мајки со кои можеме да споделиме искуства и кафе. Но, најчесто е преку видеоповик, разговарам со моите сакани, му благодарам на Бог што сега имаме достапно сè, па ни е колку-толку полесно. Тоа многу помага, особено кога семејството е далеку.

Кои мали моменти со Мариа ти носат најголема радост и ја прават тешкотијата полесна?

– Најголема радост ми носат малите работи, нејзината насмевка наутро, начинот на кој ме прегрнува, првите обиди да изговори нешто. Тие моменти прават сè да вреди и ги прават тешките денови полесни.

Зои Блаж со ќерката Мариа/Фото: Приватна архива

Верувам ти недостасува Македонија и семејството. Сепак, успеа ли да се прилагодиш и колку често доаѓаш во Скопје?

– Македонија и семејството многу ми недостасуваат. Секое доаѓање во Скопје ми го полни срцето. Се прилагодив на животот таму, но домот секогаш ќе биде дома. Се трудиме да доаѓаме колку што можеме почесто, за Мариа да расте опкружена со љубовта од двете страни.

Ќерката Мариа на Зои Блаж и Тадеј/Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот