Салата „Борис Трајковски“ ќе стане розова и ќе се вика „Т-арена“
„Македонски Телеком“ и Спортскиот центар „Борис Трајковски“ соопштија дека започнуваат стратешко партнерство со кое најголемата сала за спортски и други настани во Македонија ќе се преименува во, како што од компанијата го бележат името: „Т Арена“ (Те арена). Договорено е салата наскоро и однадвор и однатре да се офарба во розово-виолетовата нијанса на брендот на „Телеком“.
Препорачано
„‘Т Арена‘ е многу повеќе од ново име. Таа е симбол на нашата долгорочна посветеност кон заедницата и кон вредностите што ги обединуваат луѓето – спортот, културата и заедничките искуства. Горди сме што стануваме дел од оваа приказна и веруваме дека ова ќе донесе нова енергија, нови можности и дополнителна вредност за посетителите и за целата јавност“, изјави Горан Марковиќ, главен извршен директор на „Македонски Телеком“.
Според директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Данијел Апостолоски, промената ќе го унапреди искуството за посетителите.
„Партнерството со ‘Македонски Телеком‘ отвора ново и возбудливо поглавје во развојот на нашиот спортски центар. Заедно ќе работиме на унапредување на искуството за посетителите, привлекување нови настани и дополнително позиционирање на арената како регионален центар за спорт, култура и забава“, вели Апостолоски.
Слично партнерство Спортскиот центар „Борис Трајковски“ склучи со телекомуникациската компанија „ВИП“ во 2016 година, кога салата официјално беше преименувана прво во „ВИП Арена“, а потоа и во „А1 Арена“.
Мицкоски најави изградба на клиничка болница на платото пред „Борис Трајковски“


