Фото: Ultra Noticias Puebla / X

ВИДЕО | Судир на два воза во Јужна Англија, има повредени

Два воза се судрија јужно од градот Бедфорд, на околу 90 километри северно од Лондон, на железничката линија што ја поврзува станицата Сент Панкрас во центарот на Лондон со населените места во централна Англија, јавува Ал Џазира.

Екипи на противпожарната и спасувачка служба на Бедфордшир интервенираа по несреќата, која била пријавена во 18:45 часот по локално време.

Итните служби засега не објавија информации за бројот на настрадани, но на фотографии објавени на социјалните мрежи се гледаат повредени лица со преврски околу главите.

„Одговоривме на пријавите за судир на два воза во областа на Бедфорд“, соопшти транспортната полиција на мрежата X.

За несреќата зборуваше и портпарол на железничката компанија Ист Мидлендс Раилвејс (EМР).

„Возот на ЕМР што тргна во 16:40 часот од Корби кон лондонската станица Сент Панкрас беше вклучен во судир со возот што тргна во 15:50 часот од Нотингем кон Лондон Сент Панкрас, кај Бедфорд Саут. Во моментов сме на местото на настанот и работиме за да им помогнеме на службите за итни случаи“, изјави тој.

Портпаролот додаде дека до крајот на вечерта нема да сообраќаат возови до и од станицата Лондон Сент Панкрас. На патниците им се препорачува да не патуваат или, доколку е можно, да ги одложат своите патувања, бидејќи се очекуваат значителни доцнења.

Службата за итна медицинска помош на Источна Англија соопшти дека испратила повеќе екипи, вклучително и медицински хеликоптер, на местото на судирот на железничката пруга јужно од Бедфорд и ги повика граѓаните да ја избегнуваат областа.

Фотографии од местото на несреќата покажуваат два оштетени воза кои сè уште се на шините. Лондонскиот весник Тајмс објави дека персоналот на болницата во Бедфорд бил предупреден да биде подготвен да прими до 50 повредени лица.

Министерката за транспорт: Длабоко сум загрижена

Новинарката на Ал Џазира, Камил Неделек, известувајќи од Лондон, рече дека еден очевидец на социјалните мрежи објавил дека му е раскрвавена ногата, дека силниот удар го почувствувал во грбот и дека и други патници се повредени. Тој навел дека не слушнал никакво предупредување или аларм, туку само ненадеен силен удар.

Неделек додаде дека биле откажани и возовите на Тејмслинк, кои сообраќаат преку станицата Лондон Бриџ, бидејќи користат директна железничка врска со Лондон Сент Панкрас и железничката компанијата.

Британската министерка за транспорт, Хеиди Александер, во објава на X изјави дека е „длабоко загрижена“ од информациите за судирот.

„Им благодарам на службите за итни случаи кои се на местото на настанот и им помагаат на сите погодени. Брзо работиме со железничкиот сектор и локалните партнери за да им обезбедиме поддршка на патниците“, додаде таа.

Британскиот министер за здравство, Џејмс Муреј изјави дека редовно добива информации за состојбата по железничката несреќа.

„Поголем број луѓе се повредени и им благодарам на првите спасувачи кои им помагаат на погодените“, напиша тој на X.

Противпожарната и спасувачката служба на Бедфордшир соопшти дека нивните екипи се наоѓаат на железничката пруга јужно од Бедфорд и повторно ги повика граѓаните да ја избегнуваат областа.

„Свесни сме дека многумина се загрижени за своите роднини или пријатели кои можеби патувале со возовите вклучени во несреќата“, се наведува во нивното соопштение објавено на X.

Возови се судрија кај Џакарта, најмалку 14 загинати и 84 повредени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот