Фото: Принтскрин од КОМПАС ТВ

Возови се судрија кај Џакарта, најмалку 14 загинати и 84 повредени

Најмалку 14 луѓе загинаа, а 84 се повредени во судир на два воза во близина на индонезиската престолнина Џакарта, соопшти државната железничка компанија „ПТ Керета Апи Индонезија“, пренесува Гардијан.

Судирот меѓу приградски воз и воз за долги релации се случил доцна во понедленикот во Бекаси, веднаш надвор од Џакарта.

Мохамад Сјафии, директор на индонезиската агенција за пребарување и спасување, на прес-конференција денес утрото изјави дека процесот на спасување на преживеаните од смачканите вагони е деликатен.

„Моравме да вклучиме персонал со одредени вештини за внимателно извлекување“, рече тој. Има некои жртви кои се живи во овој момент и се надеваме дека ќе ги извлечеме, но тие сè уште се притиснати од делови од возот“, посочи тој.

Една преживеана ги опиша моментите откако воз за долги релации удрил во неподвижниот приградски воз во кој таа се наоѓала, при што луѓето останале заробени во искривените вагони.

„Мислев дека ќе умрам“, изјави 29-годишната Саусан Сарифа од болничкиот кревет во болницата во Бекаси, каде била примена со скршена рака и длабока рана на бутот.

Таа била на пат кон дома од работа, кога нејзиниот воз застанал на станицата Бекаси Тимур, на околу 25 километри од Џакарта.

„Сè се случи многу брзо, за дел од секунда“, рече Саусан.

„Имаше две најави во приградскиот воз. Сите беа подготвени да излезат, а потоа одеднаш се слушна звукот на локомотивата, многу гласен. Немаше време да се излезе, и сите завршивме натрупани во возот, притиснати еден врз друг. Не знам што се случи со лицето под мене“, додаде таа.

Таа изјави дека се плашела дека ќе се задуши во метежот, а притоа се загрижила дека некои што биле под неа не преживеале.

„Фала му на Бога што бев одозгора, па можев брзо да бидам евакуирана“, рече Саусан.

Според Франото Вибово, портпарол на железничкиот оператор КАИ, такси возило најверојатно го закачило приградскиот воз на железнички премин, што довело до негово запирање на шините, каде бил удрен.

На станицата, по несреќата се одвивале хаотични сцени, со спасувачи кои барале боци со кислород, додека амбулантни возила чекале во долга колона со вклучени светла.

Репортер на АФП на местото на настанот видел како луѓе се изнесуваат од урнатините на носилки и се носат во амбулантни возила, додека стотици набљудувачи гледале, некои очигледно во шок.

Додека спасувачите продолжувале да извлекуваат луѓе од смачканите вагони, заменик-претседателот на индонезискиот парламент, Суфми Даско Ахмад, изјави дека бројот на жртви може да расте.

Франото за Компас ТВ изјави дека во евакуацијата помагаат армијата, противпожарната служба, националната агенција за пребарување и спасување и Црвениот крст.

Шефот на полицијата во Џакарта, Асеп Еди Сухери, посочил дека возот за долги релации удрил во последниот вагон од приградскиот воз, наменет само за жени. Сите жртви биле во приградскиот воз, додека околу 240 патници од другиот воз биле безбедно евакуирани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот