Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип го објави конкурсот за нови студенти, 1.629 ќе влезат во државна квота
Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип го објави конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии за академската 2026/2027 година. Првиот рок ќе се реализира на 19, 20 и 21 август, а системот за електронско пријавување каде што идните студенти ќе можат да ги поднесат своите пријави, веќе е отворен.
Препорачано
Во писменото соопштение на УГД се вели дека според конкурсот, годинава на Универзитетот се предвидени 3.341 слободно место, од кои 1.629 се во државна квота, 972 места се за студенти со кофинансирање, а 735 места се за вонредни студенти. Во првиот уписен рок, идните бруцоши ќе се пријавуваат на 19, 20 и 21 август, а потоа на 26 август ќе има објавување на прелиминарни резултати, а на 27 август се доставуваат приговори.
„Конечните решенија за прием се објавуваат на 31 август, а примените кандидати се запишуваат на 1, 2 и 3 септември. Според конкурсот, на Правен факултет има 240 слободни места, потоа Економски факултет – 270, Факултет за образовни науки – 105, Филмска академија – 45, Музичка академија – 111, Ликовна академија – 15, Факултет за информатика – 470, Земјоделски факултет – 170, Факултет за природни и технички науки – 200, Машински факултет – 60, Факултет за медицински науки – 720, Филолошки факултет – 310, Факултет за туризам и бизнис логистика – 460, Електротехнички факултет – 80 и Технолошко-технички факултет – 85 слободни места“, соопштуваат од УГД-Штип.
Во писменото соопштение се дообјаснува и за електронско пријавување, односно пријавувањето веќе може да се врши онлајн преку системот https://eupisi.ugd.edu.mk, каде кандидатите ја пополнуваат електронската пријава, ги внесуваат податоците од средното образование и ги плаќаат трошоците за пријавување.
По поднесувањето на електронската апликација, документите треба да се достават до соодветниот студиски центар (Штип, Скопје, Струмица, Кавадарци или Гевгелија), согласно термините објавени на веб-страницата на Универзитетот. Примените кандидати потоа се запишуваат електронски преку истиот систем.
Најдобрите кандидати се ослободени од партиципација. Универзитетот и годинава предвидува ослободување од плаќање партиципација за најуспешните кандидати кои ќе се запишат во првиот уписен рок, како редовни студенти во државна квота и со најмалку 80 поени.
Целосниот конкурс, сите услови за запишување, потребната документација, критериумите за рангирање и информациите за студиските програми се достапни на веб-страницата на Универзитетот: https://www.ugd.edu.mk/upisi/prv-ciklus-studii
УКИМ го објави конкурсот за новата учебна година, 4.395 места се за редовни студенти


