Бојан Димоски е нов играч на ФК Шкендија
Денеска фудбалскиот клуб Шкендија од Тетово објави дека нов играч на екипата е 24-годишниот лев бек, Бојан Димоски.
Препорачано
Минатата натпреварувачка сезона ги бранеше боите на ТСЦ и во најсилната српска лига запиша вкупно шест настапи. Претходно на клупски план беше дел и од Партизан (Србија), Акрон Тољати (Русија), Брера Струмица и Вардар.
За најдобрата македонска репрезентација запиша досега вкупно 21 настап, последниот го имаше во пријателскиот меч лани дома во ремито (0:0) против Летонија.
Откако успешно ги помина медицинските прегледи, Димоски потпиша двегодишен договор со Шкендија и веднаш отпатува за Словенија за да му се приклучи на тимот во подготвителната фаза. Се очекува тој да му биде на располагање на тренерот Артим Положани денеска на контролниот натпревар против словенечкиот Копер од 18.30 часот.
– Среќен што сум во Шкендија, доаѓам во клуб со големи амбиции и очекувања. Ова го правам за да си помогнам и себеси, да му помогнам на клубот. Мислам дека со искуството што го имам од странство, можам да придонесам на тимот, како и во домашното првенство, така и во Европа. Пред да заминам во Русија, бев блиску до договор со Шкендија, но пресуди тоа што сакав да пробам во странство, во посилни лиги, но ете дојде момент да бидам дел од Шкендија и среќен сум поради тоа. Навивачите можат да очекуваат дека ќе го дадеме максимумот, на секој тренинг, на секој натпревар. Се надевам дека заедно со тимот, со навивачите, ќе славиме многу големи успеси, многу победи – беа зборовите на Димоски за клупскиот сајт на Шкендија.


