Теј Кит - Фото: EPA/CAROLINE BREHMAN

Теј Кит, продуцентот кој работеше со Дрејк, Еминем и Бијонсе, пронајден мртов

Музичкиот продуцент Теј Кит, номиниран за награда „Греми“, кој соработуваше со некои од најголемите имиња на хип-хоп сцената, е пронајден мртов во својот стан во Нешвил, во американската сојузна држава Тенеси, пренесе „Би-би-си“.

Според информациите од локалната полиција, 29-годишниот продуцент бил пронајден од полицајци кои извршиле проверка поради загриженост за неговата состојба. Властите соопштија дека засега нема индиции за насилна смрт.  Причината за смртта сè уште не е официјално соопштена, а во тек е обдукција која треба да ги утврди околностите под кои починал.

Теј Кит, чие вистинско име е Бритавиус Чемберс, беше еден од најбараните продуценти во современата хип-хоп музика. Во текот на кариерата соработуваше со бројни светски ѕвезди, меѓу кои Дрејк, Тревис Скот, Еминем, Бијонсе, Лил Бејби, Секси Ред, 21 Севиџ и Џеј Кол.

Најголемата препознатливост ја стекна како коавтор и копродуцент на хитот „Сико Моуд“ (Sicko Mode) на Тревис Скот, песна која во 2019 година му ја донесе првата номинација за „Греми“.

Втората номинација ја доби во 2024 година во категоријата за најдобра рап-песна, благодарение на неговата работа на „Рич Флекс“, хитот на Дрејк и 21 Севиџ.

Неговиот продуцентски потпис се наоѓа и зад песни на Бијонсе, Лил Нас Икс, Еминем и Диџеј Калед, а многумина го сметаат и за еден од луѓето кои помогнаа во пробивот на раперката Секси Ред на светската музичка сцена.

Минатата година беше вклучен на престижната листа „30 под 30“ на списанието „Форбс“, која ги издвојува највлијателните млади личности во музичката индустрија.

По веста за неговата смрт, бројни музичари и соработници му оддадоа почит на социјалните мрежи.

Раперот Блокбој Џеј-Би, кој го познавал уште од својата 14-годишна возраст, објави емотивна порака во која напиша:

„Разговаравме секој ден, не ми кажа дека си заминуваш.“

Британскиот рапер Еј-Џеј Трејси, со кого Теј Кит го создаде хитот „Реин“, го нарече „легенда на музичката сцена“.

„Не мислам дека е претерување ако кажам дека имаше огромно влијание врз мојата кариера“, напиша Трејси.

Теј Кит ја започнал својата кариера додека студирал на Државниот универзитет во Среден Тенеси, каде дипломирал интегрирани студии и медиумски менаџмент.

Во интервју од 2020 година изјавил дека никогаш не размислувал да ги напушти студиите, и покрај тоа што музичката кариера брзо му напредувала.

„Немаше причина да се запишам на факултет ако не сакав да дипломирам. Можев целосно да се посветам на музиката. Во последната недела од студиите веќе го имав мојот прв хит на врвот на топ-листите, но сепак немаше смисла да се откажам“, изјавил тогаш продуцентот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот