Илчо Ѓорѓиоски/ФФМ

Раководителката за финансии главна за осомничена за криминалот во ФФМ – пријавата е од 2020 година

За кривична пријава од 2020 година, Јавното обвинителство сега бара притвор за поранешните претседатели на Фудбалската федерација, Илчо Ѓорѓиоски и Муамед Сејдини, како и за раководителката за финансии на ФФМ, Олгица за финансиски криминал од Федерацијата тежок речиси три милиони евра. Обвинителството бара притвор за осум и мерки за претпазливост за четири лица уапсени вчера во рамките на истражната постапка против 18 физички и осум правни лица за проневера на над 180 милиони денари.

Сите 12 лица, меѓу кои и поранешниот претседател ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, кои вчера се уапсени, се веќе изведени пред судија на претходна постапка пред Основниот кривичен суд во Скопје, каде треба да одлучува по барањата на Обвинителството, додека пет се недостапни на органите на прогон. Поранешниот претседател на ФФМ Муамед Сејдини, кој е второосомничен, е веќе во притвор за друго дело за кое се сомничи и беше уапсен во април годинава.

Како што објасни јавниот обвинител Фатон Азизи петмина од осомничените не се најдени во нивните домови, а на поранешните претседатели на ФФМ потпишале над 700 платни налози, а стоките кои ги платила ФФМ никогаш не влегле таму.

– Дејствијата се од 2015 до 2019 година со тоа што прво и второ осомничениот како службени лица, претседатели на ФФМ имаат потпишано вкупно 728 платни налози, коишто им биле доставени од страна на трето осомничената за потпис за реализација, со тоа што преку незаконски платени парични средства за услуги коишто никогаш ФФМ не ги добила од правните лица и за стоки коишто никогаш не влегле во ФФМ, нанесена е штета од големи размери во износ од 180 милиони денари или околу три милиони евра. Сите субјекти во поголемиот дел имаат соработка со ФФМ, меѓутоа дел од паричните средства коишто ги имаат добиено на незаконски начин ги имаат вметнато преку Олгица, па истите да бидат реализирани и потпишани од страна на претпоставените, тоа се службените лица во својство на претседатели на ФФМ. Обезбедивме докази во текот на предистражната постапка дека тие услуги за коишто се издадени фактури никогаш не стигнале до ФФМ. Притоа имаме и произнесување од претставникот на ФФМ, како по однос на услугите и стоките, така и по однос на висината на штетата што им е причинета – изјави јавниот обвинител Азизи.

Азизи појасни дека во текот на предистражната постапка обезбедени се докази дека услугите за кои што се издадени фактури никогаш не стигнале до ФФМ. Главната за финансии добила отказ во 2019 година.

ФФМ за апсењето на Ѓорѓиоски: Проневерени се скоро три милиони евра

Како резултат на повеќегодишна предистражна постапка за ФФМ, вчера под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во координација со Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи извршија претреси на домови, деловни простории и лица на повеќе локации во Скопје при што од слобода беа лишени 12 лица, меѓу кои и поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, додека пет лица во моментов се недостапни за органите на прогон. Муамед Сејдини беше уапсен во април годинава и му беше определен притвор, поради основано сомневање дека сторило кривично дело проневера во служба со парични средства поврзани со изградба на трибина на Стадион „Билјанини Извори“ во Охрид.

Акцијата е резултат на претходно поднесена кривична пријава против три лица вработени во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), управители, сопственици и овластени лица на правни субјекти, како и против самите правни лица, поради сомнение за сторени повеќе кривични дела и проневера на 2,4 милиони евра.

Според доказите од предистражната постапка, првоосомничениот, во својство на претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со осомничената раководителка на Одделението за финансии, во периодот од 1 јануари 2015 до 25 јули 2018 година, со намера да прибават противправна имотна корист, присвоиле парични средства доверени во службата во вкупен износ од 127.451.156 денари. Второосомничениот, исто така како претседател на ФФМ, во договор со истата раководителка, во периодот од 25 јули 2018 до 10 октомври 2019 година, присвоил парични средства во износ од 53.351.209 денари.

– Осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, со цел да ги прикрие незаконските исплати кон повеќе правни лица, вршела манипулации со сметководствената евиденција на ФФМ. Најнапред плаќањата ги евидентирала како намалување на обврски по основ на влезни фактури, а потоа вршела измени на веќе евидентираните налози за книжење, бришејќи ги обврските и евидентирајќи ги како трошоци без наведување на конкретна фактура, услуга или деловен партнер – се наведува во соопштението на Финансиската полиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот