Треска/ фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Ќе бидат ли улиците претесни да ги примат идните станари на комплексот „Треска“?

Две многу фреквентни сообраќајници, Рузвелтова и Митрополит Теодосиј Гологанов се вкрстуваат на аголот пред комплексот, но од Општина Центар не објаснуваат како се планира влез и излез кон новите згради, а тоа да не го наруши функционирањето на сообраќајот. Оттаму велат дека пристапот до секоја градежна парцела се одредува исклучиво согласно одредбите зададени во ДУП.

Изградбата во Скопје не запира, па низ градот постојано никнуваат нови згради, дури и цели комплекси и покрај тоа што илјадници станови во градот стојат празни. За тоа колку е градската инфраструктура погодна за наплив на нови станари и возила, граѓаните ќе се уверат откако комплетно ќе заврши изградбата на комплексите, особено оние во најцентралното подрачје на Скопје. Такви се, на пример, комплексот „Гранд“ спроти „Холидеј ин“, каде што на некогашниот паркинг ќе се сместат дури три висококатници, потоа „Дајмонд Скопје“ кај Рамстор мол, каде што се извишуваат неколку дваесеткатници и, секако, комплексот „Треска“ на местото на некогашната фабрика за мебел, каде што треба да се изградат мноштво згради на четири и пет ката плус приземје и поткровје.

Сообраќајната инфраструктура околу нив не ветува дека вселувањето во новите објекти нема да предизвика уште поголем метеж од постојниот, затоа што ретко кој од надлежните некогаш објаснува каков сообраќаен пристап е предвиден за возилата на станарите кои не се во мал број во ваквите комплекси.

Треска/ фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

„Лимак“, на пример, за да го гради комплексот, требаше да изгради подземна улица што потоа ќе се поврзува со кружни текови што ќе овозможат брз проток на сообраќај. Подземната сообраќајница се изгради, но градското раководство цел мандат не успеа ниту да ја започне изградбата на поврзувањата.

На просторот кај фабриката „Треска“ минатата година почна изградбата на првата зграда, иако јавноста и граѓанските здруженија бараа да не се бетонизира и овој дел од Центар.

Претходниот градоначалник Саша Богдановиќ ветуваше дека нема да дозволи тука да се изградат „наполитанки“ како што предвидуваше ДУП од 2012 година, стави дури и мораториум на планот, па распиша и меѓународен конкурс за идејно решение. Планот се најде и пред Уставен суд кој оцени дека нема основа да се поведе постапка. Па, така, спорниот ДУП Буњаковец 2 повторно стана активен и Општина Центар започна да го спроведува, односно да издава дозволи за градба.

Треска/ фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Изградбата е во тек, градат фирмите „Голден арт“ и „Мега акустик“, а становите веќе се на продажба. Инвеститорите велат дека комплексот ќе биде модерен со урбана опрема и уредено зеленило, со спортски игралишта и меѓублоковски паркчиња. Меѓу станбените блокови е испланирано сообраќајното решение со подземен паркинг, пешачки патеки и тротоари со модерни канделабри, но и друга урбана опрема што ќе обезбеди непречено пристапување до домовите за новите станари.

Според податоците што ги објави граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, во комплексот згради ќе се вселат повеќе од 30 илјади жители.

 На здравје нека е во Буњаковец над 1 милион м2 бруто изградена површина за домување наместо 400.000 што ги дозволува ГУП; над 60 отсто изграденост за домување наместо 22 отсто колку што дозволува ГУП; над 33.000 жители наместо 12.500 колку што дозволува ГУП; над 9.300 просечен број семејства наместо 3.400 колку што дозволува ГУП и 0.36 м2 зеленило по жител или ич – реагираа од Иницијативата по одлуката на Уставниот суд.

Ова би значело и повеќе од 8.000 автомобили, ако се земе некаков просек од еден автомобил на четири луѓе, што значи може да се и многу повеќе. Барем половината од нив наутро треба да излезат од комплексот за да одат на работа и да се вратат потоа дома.

Треска/ фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Со оглед на фактот дека овој простор е сместен помеѓу две многу фреквентни сообраќајници, Рузвелтова и Митрополит Теодосиј Гологанов, кои се вкрстуваат на аголот пред комплексот, побаравме објаснување од Општина Центар како се планира влез и излез кон новите згради, а тоа да не го наруши функционирањето на сообраќајот. Но, објаснување не добивме.

 Пристапот до секоја градежна парцела се одредува исклучиво согласно одредбите зададени во ДУП, во случајов ДУП Буњаковец 2 – беше кусиот одговор од Центар, кој никому од граѓаните кои секојдневно се движат со возило по овие улици не му значи ништо, затоа што ништо и не кажува.

ДУП Буњаковец 2

Од она што може да се види од ДУП Буњаковец 2 пристапот од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов ќе биде преку новопроектирана станбена улица 13 јули, која се протега паралелно со постојната Христо Смиренски и која понатаму се сече со улицата Борка Талески, која ќе се продолжи до Рузвелтова. На Рузвелтова ќе може да се излезе и од постојната улица Владимир Полежановски, поранешна Иван Милутиновиќ. Сите тие се станбени улици со по една коловозна лента во двете насоки широка по три метри.

Фото: Принтскрин

Дали тие ќе бидат доволни за новите станари да се вклучат непречено во сообраќај или секојдневно ќе има „главоболки“ поради метежот, ќе се види по неколку години кога се очекува целиот комплекс да биде завршен.

Се редат „наполитанкитe“ на просторот кај фабриката „Треска“, почна и продажбата на станови

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот