„Топ листа надреалиста“
Добре дојдовте во Македонија, земјата во која реалноста ја губи трката со сатирата и која денес произведува надреализам во огромни количини, без потреба од сценаристи, режисери или актери од типот на Неле Карајлиќ. Доволни се политичарите.
Ако некој случајно мисли дека со распадот на Југославија заврши легендарната емисија „Топ листа надреалиста“ на која сигурно се сеќаваат генерациите Бејби-бум и Икс, тој некој очигледно не ги следи домашните вести. Македонија денес произведува надреализам во огромни количини, без потреба од сценаристи, режисери или актери од типот на Неле Карајлиќ. Доволни се политичарите.
Препорачано
Меѓу серијата хитови од владината кадровска лабораторија во изминатиот период високо на листата се најде Арбен Фетаи, човекот што со месеци не одеше на работа, не се појавуваше на владини седници, немаше активност, барем не видлива, како вицепремиер за добро владеење, ама затоа редовно земаше плата, па доби нова функција – специјален претставник во Брисел.
Во нормални држави, ако со месеци не одиш на работа, добиваш отказ. Во Македонија, ако не одиш на работа со месеци, добиваш дипломатска промоција. Очигледно најголемата препорака за европска кариера е способноста успешно да не се појавуваш на работното место. Брисел веројатно е избран затоа што е доволно далеку за никој да не забележи дали и таму ќе оди на работа. И има среќа што не треба да се отчукува на влезот секој ден.
За разлика од него, наставникот Стефан Поповски од Битола цела година одел на работа без да знае дека е отпуштен. Држел часови, пишувал оценки, работел како сите вработени луѓе. Казната стигнала кога забележал дека нешто не е во ред со платата. Му забраниле влез во училиштето!
Така добивме две паралелни реалности. Во едната, наставник оди на работа и добива отказ. Во другата, вицепремиер не оди на работа и добива унапредување. Да беше Ајнштајн Македонец, теоријата на релативноста ќе ја објаснеше со овие два случаи.
Министерот Панче Тошковски, пак, неодамна рече дека „му се повраќало од тоа што го видел“. Само јавноста не сфати до крај дали зборува за криминалот, или за нешто друго. Но, веднаш потоа нè увери дека МВР ги дава најдобрите резултати во последните 20 години и дека конечно имаме „нормален министер“. И така отвори едно филозофско прашање: ако ова е нормално, како изгледа ненормално?
И додека го бараме одговорот на ова прашање, министерот Александар Николоски призна дека Македонија има повеќе искуство од соседите во тоа да биде излажана од ЕУ: „Ним ќе им биде прв или втор пат, а нам дваесетти.“ Па дури и не би сакал да биде во „кондурите“ на Црна Гора кога во 2029 година ќе сфатат дека нема да станат дел од ЕУ.
Конечно искреност во политиката. Ретка појава. Наместо да се фалиме со автопатишта, инвестиции и реформи, ние се фалиме со километражата на измамите. ЕУ можеби нема да нè прими како членка, но сигурно би нè примила како експертска група за преживување на разочарувања.
И тоа не е сè. Во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски ја достигна новата димензија на парламентарната демократија и им објасни на опозициските пратеници дека не сакаат одговори на своите прашања, односно поставуваат прашања за да не ги слушнат одговорите. Плус да не бидат среќни што ќе им одговара премиерот.
Тој, премиерот Мицкоски, пак, откри дека во државата постојат „глодари“, „шпионски талог“ и структури што испраќаат анонимни писма до Обвинителството. И наместо против корупција, политичарите во земјава денес се борат против глодари.
Во меѓувреме, европскиот пат стана сè пофилозофски. Мицкоски објаснуваше дека полесниот пат кон Европа е потежок, а потешкиот е полесен затоа што има цена, но не е понижувачки како недосонуван сон што создава фрустрација, но не и очајување. И додека се дешифрира оваа реченица, стигна уште една порака: „Спремете се за маратон кон ЕУ“.
Затоа на здравствен план ситуацијата е подобра. По реконструкцијата на салите во „8 Септември“, германските експерти наводно изјавиле дека таков објект нема ни во Германија. Тоа можеби е точно, можеби Македонија е, ете, уникатна, ако не ја земеме како пример расипаната клима на Гинеколошко-акушерската клиника.
И така стигнавме до летните одмори и проблемите со системот ЕЕС за влез во Шенген. Премиерот излезе со решение за овој проблем и порача: „Летувајте дома, имаме прекрасни езера, планини и села“, небаре решението е во туристичките аранжмани.
Конечно, најголемата економска вест не така одамна дојде од министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Нејзината прогноза е дека во следните 10 до 15 години големи европски држави ќе банкротираат, додека Македонија е пофалена од ММФ и Светска банка. Замислете ситуација – Германија, Франција и Италија тонат во финансиски колапс, а Македонија од страна ги советува како правилно се водат јавни финансии. Чудо!
Додека европските џинови пропаѓаат, ЕУ не може да нè стигне, болниците ни се подобри од германските, вицепремиерите се наградуваат за непојавување на работа, наставниците добиваат отказ затоа што работат…
Добре дојдовте во Македонија, земјата во која реалноста ја губи трката со сатирата.


