Томас Пикети

Еден поинаков свет

Коавтори на овој текст се Лукас Чансел (Lucas Chancel), Корнелија Морен (Cornelia Mohren), Роваида Мошриф (Rowaida Moshrif), Мориц Одерски (Moritz Odersky) и Анмол Соманчи (Anmol Somanchi).

Замислете ја иднината во која сите уживаат високо ниво на благосостојба; иднина во која 90% од светската популација ќе го удвои својот доход, а ќе работи само половина од денешното работно време. Свет во кој посиромашната половина од човештвото ќе доживее нејзиниот удел во глобалното богатство да порасне од денешните 2% на дури 30%; свет во кој сите ќе можат да трошат доволно, но не претерано. И замислете дека сето тоа се остварува без уништување на климатскиот систем, на планета која ќе може да го одржи човечкиот живот.

Како противотров за мрачните техно-авторитарни визии за иднината какви што денес ни се нудат, итно ни е потребна нова и радикална визија за глобалниот напредок во 21. век. Најверодостојна е онаа визија во која првиот предуслов за достигнување еднаквост и човечки развој е зачувувањето на одржливоста на животот на нашата планета.

Нашиот нов извештај ги разгледува условите што треба претходно да се исполнат за да може до крајот на овој век светот да ја оствари целта за успешно усогласување на императивите на економијата и екологијата.

Нашиот заклучок? Глобалната трансформација која ги помирува одржливоста на животот на планетата и високите стандарди на благосостојба за сите е можна – под услов да се исполнети три услови. Неопходна ни е брза декарбонизација на енергетските системи. Но, потребно ни е и големо поместување од прекумерност кон „доволност“ во потрошувачката. Тоа подразбира значително кратење на работното време и намалена потрошувачка на суровини, заедно со длабоки промени во моделите на трошење, прехранбените навики, користењето на земјиштето и шумската прекривка. Финансиската и политичката поддршка за декарбонизација и за достигнување одржливо ниво на потрошувачка бараат драстично намалување на доходовната, имотната и политичката нееднаквост, како меѓу земјите, така и во самите нив. Намалувањето на глобалната нееднаквост може да се усогласи со проектот за темелна декарбонизација; тоа всушност е неопходен предуслов за заеднички просперитет на планета со ограничени ресурси.

Извештајот за глобална правда е првиот обид за изложување комплетно квантифициран план за посакуваната транзиција. Во извештајот се обединети четири димензии кои во денешните расправи често се третираат одделно: прераспределба на глобално ниво; темелна реформа на меѓународниот финансиски и економски поредок; радикална трансформација на енергетските системи; и промена во моделите на потрошувачка. Во споредба со повеќето климатски сценарија што денес се нудат (вклучувајќи ги и оние на Меѓувладиниот панел за климатски промени), главната новина е што сите четири димензии се моделирани заедно – а во средиштето на анализата се поставени нееднаквоста и достигнувањето доволност во потрошувачката.

Што би ни донела таквата транзиција? Во нејзиното средиште е доходовната конвергенција меѓу различните држави. Просечниот национален доход по глава на жител, од најсиромашните региони (290 евра месечно во супсахарска Африка) до најбогатите (4.590 евра во Северна Америка/Океанија), што прави разлика од дури 16 спрема 1, би пораснал до единствено ниво од околу 5.000 евра месечно во сите земји во светот до 2100 година.

Но, конвергенцијата не е само монетарна. Годишното работно време по вработен би требало да опадне од приближно 2.100 на околу 1.000 часа, со што ќе се продолжи долгорочниот тренд на кратење на работното време; уделот на глобалното работно време посветено на здравствените и образовните услуги би пораснал од 11% на 43%. Жените и мажите би се приближиле до изедначување на платите и на уделот во платената работа и работата во домаќинството.

Сето тоа би се одвивало во климатски услови соодветни за одржување на животот на планетата. Благодарение на одржливата конвергенција и брзата декарбонизација, глобалното затоплување би достигнало максимално ниво од 1,8°C, наместо 4°C според сегашните проекции.
Ништо од тоа нема да биде можно без значително намалување на нееднаквоста. Интерперсоналните разлики на доходовната скала би се намалиле до однос од еден спрема пет, а на имотната на еден спрема десет, со што би се продолжиле трендовите забележани во 20. век во западна и северна Европа. Уделот во глобалното богатство на посиромашната половина од човештвото би пораснал од 2% на 30%, додека уделот на класата милијардери би опаднал од 6% на 0,05%.

За водење и финансирање на ваквите промени потребни се нови институции. Фондот за глобална правда во периодот од 2026 до 2060 година би трошел годишно во просек 10% од светскиот БДП за исплата на дивиденди и инвестиции во земјите на кои тоа им е потребно, наспроти сегашниот износ под 0,4%, колку што денес изнесуваат собраните фондови за меѓународна помош и буџетите на Обединетите нации, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка. Средствата би доаѓале од светски суверен фонд кој би сочинувал 10% од светскиот акционерски капитал, како и приливи од зголемениот глобален данок на имот од 20% годишно за класата милијардери и глобалниот данок на доход од 90% на самиот врв на скалата. Овие даноци би ги плаќале приближно 1% од светската популација.

Резултатот не е трансфер од мнозинството во корист на неколкумина, туку добивка за речиси сите. Близу 90% од светската популација би ги удвоила своите приходи меѓу 2026 и 2100 година, а кога ќе се земат предвид новостекнатото слободно време и населивоста на планетата, корист би имале повеќе од 99% од популацијата. Планот исто така ја прераспределува и политичката моќ. Денес најбогатите региони имаат четири пати повеќе гласови во ММФ и Светската банка отколку што би требало да имаат врз основа на нивниот удел во светската популација; во новиот поредок секој жител би имал еднакво право на глас, поддржано од меѓународна клириншка унија и нова меѓународна валута за да им се стави крај на привилегиите на доминантните сили и да се решат глобалните трговски нерамнотежи.

Нашиот извештај е дел од пошироката меѓународна агенда за зачувување на планетата која може да го одржи животот, агенда за социјална правда и реформа на глобалната финансиска архитектура – вклучувајќи ја и Бриџтаун иницијативата која ја поведе Барбадос во 2022 година, Севиљската обврска за финансирање на развојот, процесот за даночна конвенција на ОН и иницијативите на Г20 во областа на глобалната нееднаквост предводени од Бразил и Јужна Африка. Главниот придонес на овој извештај е поставувањето на сите споменати иницијативи во квантифицирана институционална рамка, со моделирање на општествено-економските конвергенции, температурните промени и патеката на распределба до 2100 година.

Одржливоста, еднаквоста и просперитетот во 21. век се материјално достижни. Буџетот за јаглерод го дозволува тоа, а историјата нуди преседани со споредливи размери, како што покажуваат општото право на глас, универзално достапното здравство и школство, кратењето на работното време и сузбивањето на нееднаквоста во 20. век. Пречката на нашиот пат не се однесува на техничката изводливост, туку на отсуството на заедничка визија за општествен напредок која е во исто време конкретна и радикална. За тоа ќе ни биде потребен јасен политички избор и напорна работа на изградба на коалиции врз основа на таквата определба.

(Авторот е економист)

Вијести

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот