Анонимност
Градот не бара сите да бидат интимни, ниту сите да се разбираат целосно. Тој овозможува коегзистенција меѓу различни луѓе, култури, класи, јазици, стилови и желби. И тоа е можеби најослободувачкиот момент во градовите. Да се биде анонимен во големиот град, меѓу другото значи дека можете да бидете што сакате, односно да бидете вашето вистинско јас.
Пред неколку години, додека ја изработуваме стратегијата за одржлив урбан развој на Битола, по еден формален состанок имавме можност поблиску да се запознаеме со колегите од Битола со кои блиску соработувавме во изработката на овој важен документ. При една таква средба, во неформална атмосфера, една госпоѓа со која тукушто се бев запознал, долго ме погледна по моето претставување и дури и со одредена надменост соопшти: „Не знам ништо за вас, бидејќи не го знам вашето семејство!“. Во оваа реченица се содржи веројатно дестилираното значење на механизмите на социјализација во градовите како Битола, со прецизна анамнеза на секој член на таа заедница – пред сè низ гранките на неговото семејно стебло. Секако, градот Битола е место со исклучително долга урбана култура, која не била попречена ниту од природните или пак од човечките разурнувања. Во неа, континуитетот на градот се огледува и во континуитетот на животот на семејствата проследен и на некој начин, потврден со физичкото постоење на семејните куќи. Оваа урбана меморија ги испреплетува судбините на семејствата, а со тоа ја испреплетува судбината на градот со поединечните членови на тие семејства. Оттука, вашата идентификација, вашата препознатливост, вашиот социјален профил, но и процената за вашиот капацитет и личен потенцијал, се одмерува исклучиво низ угледот и историјата на „градските“ семејства.
Препорачано
Овој механизам е возможен само во средини, каде колоквијално кажано, секој-секого-знае. Само во таа средина, на испреплетени социјални, семејни, генетски, а честопати и економски, па дури и политички врски, е возможно да имате еден таков, робустен систем во кој секој член на заедницата ги познава другите, а и за оние за кои не може да се присети во моментот, веднаш добиваат јасна социјална улога, а честопати и општествен статус врз основа на таа, семејна припадност. Но, градовите не би биле тоа што се, како што и луѓето не би биле луѓе, кога не би постоеле поединци – членови на заедницата, кои низ своето дејствување и сопствената судбина, темелно ќе ги поништат сите аксиоми на овој семеен систем на вредности и статуси. Безбројните бунтовни и блудни синови, одметнати ќерки и снаи, пропаднати и мрзливи стопани, го потврдуваат правилото дека „не постојат правила“, па дури и кога угледот на вашето семејство гарантира за вас. Секако, оваа јасна припадност кон групата, било тоа да е семејството, народ, религија, здружение или политичка партија, ја нуди анонимноста на вашето постоење низ вашето претопување во општите, заеднички значења и вредности кои таа група ги демонстрира или застапува. Оваа анонимност, во која вие сте исклучени како поединец, парадоксално произлегува од вашата јасна припадност на одредена група.
Во големите градови, идејата за анонимноста на поединецот е сосем спротивна. Самиот збор „анонимен“ доаѓа од старогрчкото ἀνώνυμος (anonymos), составено од негативниот префикс an-, „без“, и onoma, „име“. Во своето најстаро значење, анонимното е она што е „без име“, „неназначено“, „непотпишано“, „со непознато потекло“. Но урбаната анонимност не е само етимолошка безименост. Таа е културна и социјална состојба во која човекот е присутен меѓу други луѓе, но не е нужно биографски познат, морално проценет или целосно вклучен во заедницата. Тој е лице во толпата, минувач на улица, патник во јавен превоз, купувач, работник, сосед, посетител, набљудувач или странец, односно некој што е видлив, но не и нужно препознат.
Токму фигурата на странецот подоцна ќе стане една од клучните теоретски основи за разбирање на анонимноста. Георг Зимел, во својот есеј „Странецот“, го опишува странецот како личност што е истовремено блиску и далеку, тој е физички присутен во групата, но социјално дистанциран од неа. Во неговиот друг класичен текст, „Големиот град и духовниот живот“, Зимел ја поставува модерната метропола како простор во кој човекот мора да развие нова психолошка стратегија. Во таков град луѓето не можат да се однесуваат едни кон други со истата интимност како во мала заедница. Затоа резервираноста не е само студенило, туку облик на психолошка заштита.
Со модерната индустриска метропола анонимноста станува масовна состојба. Железницата, булеварот, фабриката, канцеларијата, стоковната куќа, пасажот и јавниот превоз произведуваат нови типови на средби. Човекот секојдневно се наоѓа меѓу луѓе кои не ги познава, но од кои зависи возачот, службеникот, продавачот, минувачот, полицаецот, клиентот, закупецот, работодавачот. Лин Лофланд ја дефинира јавната сфера на градот како „свет на странци“, односно простор во кој луѓето се лично непознати или само категоријално познати едни на други. Тоа значи дека во градот ретко се среќаваме со целосна непознатост. Во градот ние ги препознаваме другите луѓе преку знаци како облека, возраст, движење, јазик, професија, стил, класа, родова презентација. Но таа „категоријална идентификација“ не е исто што и биографско знаење. Градот е токму простор во кој можеме да бидеме видени како присутни, но не и целосно откриени.
Ричард Сенет ја развива можеби најпозитивната интерпретација на оваа состојба. За него јавниот простор е место каде што се среќаваат странци, а разликата меѓу приватното и јавното лежи во степенот на знаење што го имаме за другите. Во приватноста ги познаваме блиску, додека во јавноста ги среќаваме непотполно. Токму ова непотполно знаење, оваа анонимност, е услов за јавен живот. Градот не бара сите да бидат интимни, ниту сите да се разбираат целосно. Тој овозможува коегзистенција меѓу различни луѓе, култури, класи, јазици, стилови и желби. И тоа е можеби најослободувачкиот момент во градовите. Да се биде анонимен во големиот град, меѓу другото значи дека можете да бидете што сакате, односно да бидете вашето вистинско јас. Со тоа, вие не сте однапред одредени и идентификувани од вашето семејство, група, партија или организација, туку исклучиво низ вашите лични, уникатни, па дури и интимни карактеристики, знаења и улоги.
Денес прашањето за анонимноста во градот повторно се менува под влијание на дигиталните технологии. Камери, мобилни телефони, сензори, банкарски картички, транспортни апликации и паметните градски системи создаваат нова противречност, каде човекот може да остане непознат за минувачите, но да има целосно јасен дигитален отпечаток.
Сепак, и покрај сите овие амбивалентности, анонимноста останува една од најважните ослободувачки можности на градот. Таа го ослободува човекот од постојаното набљудување на блиската заедница. Му дозволува да биде повеќе од своето потекло, презиме, семејна улога, локална репутација или наследена припадност. Во градот анонимноста овозможува секој да има свој живот, младите да експериментираат со идентитет, уметниците да најдат публика, маргинализираните групи да создадат свои сцени, а поединците да се движат низ различни културни светови без да бидат целосно заробени во еден од нив.
Креативноста на градот често произлегува токму од оваа средба меѓу непознати. Таму каде што сите се познаваат, општествениот поредок е стабилен, но и затворен. Таму каде што луѓето се непознати едни за други, има ризик, но и можност за неочекувана соработка, нова сцена, нов стил, нова идеја, нов политички јазик. Анонимноста го прави градот лабораторија на можни идентитети. Таа создава простор во кој човекот не е целосно прочитан однапред, туку може да се појави како потенцијал.
Затоа анонимноста не треба да се разбира само како загуба на заедница или како симптом на отуѓување. Таа е и културен ресурс. Таа овозможува јавен живот без присилна интимност, различност без постојан надзор, блискост без нужно познанство, слобода без целосна изолација. Најдобрите градови не ја укинуваат анонимноста, туку ја цивилизираат: преку улици, плоштади, јавен превоз, паркови, културни простори и институции што дозволуваат луѓето да бидат заедно без да мора да бидат исти. Во тоа лежи една од најдлабоките демократски и креативни вредности на градот, можноста да се биде меѓу другите, без да се биде целосно присвоен од нив.
Анонимноста е една од најдлабоките, но и најдвосмислени состојби на градскиот живот. Во градот човекот може да биде невидлив, незабележан, непрепознаен, но токму затоа може да биде и поинаков, да се движи, да експериментира, да започне одново, да ја прекине врската со очекувањата што ги носи семејството, селото, класата, професијата или локалната заедница. Во градовите, човекот е слободен да избере и анонимност.
(Авторот е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во Скопје)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


