кица колбе
Кица Колбе/ Фото: Архива на Слободен печат

Модерниот македонски Одисеј и неговата татковина

Модерниот македонски Одисеј го дели со античкиот Одисеј само копнежот по дома и надежта на неговите родители дека, кога еден ден ќе посака да се врати во Македонија, ќе биде дочекан со радост од тие што останале дома.

Новиот македонски Одисеј не заминува во светот како кралот од Итака во Хомеровата „Одисеја“, по казна од античките божества поради лукавството со Тројанскиот коњ во Тројанската војна. Новиот македонски Одисеј е млад маж или млада жена, со одлично образование, стекнато не само во татковината Македонија, туку најчесто и во некоја од земјите членки на ЕУ. Тој или таа заминуваат од Македонија во светот понекогаш заедно со семејството и со малечките деца. Нивната вистинска „одисеја“ му претходи на заминувањето во светот, затоа што таа е најчесто долгата неуспешна потрага по соодветно вработување по завршените студии во странство, откако ќе се вратат дома, во Македонија, во нивната љубена Итака.

Модерниот македонски Одисеј го дели со античкиот Одисеј само копнежот по дома и надежта на неговите родители дека, кога еден ден ќе посака да се врати во Македонија, тој ќе биде дочекан со радост од тие што останале дома. Дека ќе биде прифатен широкоградо од неговите некогашни професори и колеги од студиите, кои во меѓувреме се наоѓаат на важни функции во општеството. Тој е насушно потребен за Македонија на патот кон ЕУ, иако тие што останале дома се често уверени дека тие знаат сè и дека не им треба помош ниту од тие со кои некогаш заедно оделе во училиште или на факултет. Напротив, посакуваното членство на Македонија во ЕУ ќе бара вистинска преобразба на општеството.

За таа цел македонската влада би требало уште сега да направи сеопфатна стратегија во која можат да помогнат многу од македонските кадри од разни области, кои веќе подолго време живеат во земјите во ЕУ.

Стереотипи за „гастарбајтерите“ и „печалбарите“

Што се случува со нив денес, кога тие ќе се вратат во Македонија? Ги прифаќа ли македонското општество своите деца, заминати на странските универзитети, кога тие ќе се вратат во татковината? Здравиот разум сугерира оптимистички одговор, затоа што е логично да се очекува дека солидното образование, односно работното искуство на тие луѓе во странство, може да биде од голема полза за Македонија. Реалноста, за жал, барем денес, е многу поинаква. Еден од моите внуци се врати пред некоја година во Македонија по неколку години успешни докторски студии и научни истражувања на еден реномиран европски универзитет. Се врати дома не како остарен Одисеј, туку како млад научник, во најплодните години од животот, преполн со соништа и надежи, што е можно побрзо своите сознанија да ги сподели на универзитетот во Скопје, на кој некогаш студираше. Меѓутоа, дури и неколку години по враќањето во Скопје, тој сè уште чека неговите некогашни професори да го препознаат како „свој“ и да му дадат шанса да работи заедно со нив. Напротив, тие постојано му велат дека тој сега знаел повеќе од нив за таа многу специјална тема, за која тие немаат ниту катедра. Да отворат нова катедра за новата научна област за која имаат готов стручњак, не им паѓа на памет.
Ако Македонците дома продолжат да се однесуваат на овој начин кон младите македонски научници што се вратиле дома, затоа што сакаат да работат во татковината, тоа ќе биде трагично токму за македонската состојба. Доколку Македонија сериозно размислува да се подготви за процесите на приспособување на стандардите на ЕУ пред членството, тогаш таа мора да ги вклучи знаењата и искуствата на Македонците што веќе подолго време живеат во ЕУ. За да го стори тоа, македонското општество треба да ги надмине негативните стереотипни слики за заминатите во светот, за „гастарбајтерите“, за „печалбарите“. Можеби сум престрога во оценката, но мислам дека во македонското општество е сè уште присутен негативниот однос кон заминатите што е плод на  „македонската племенска свест“. Таа има врска со македонската историја на печалбарството. Во светот порано заминувале тие што немале услови да ја обезбедат својата егзистенција дома. Бидејќи многу бил мал бројот на семејствата од граѓанската класа, кои ги испраќале своите синови во Европа да се образоваат, за да се вратат дома со европско образование, најголемиот број од тие што заминувале во светот биле тие што заминувале од неволја. Па дури и кога во времето на Југославија заминаа првите „гастарбајтери“ во Германија, тоа се доживуваше од тие дома како стигма и неволја. Тој што бил доволно способен „да се снајде“ дома, не заминува во странство, гласеше неизговореното погрдно мислење за „гастарбајтерите“. Тој амбивалентен однос кон заминатите во светот е рецидив од старата племенска свест. Тој што го напуштал „племето“, немал право да се врати. За среќа, времињата брзо се менуваат. За жал, тоа не важи и за стереотипите за заминатите на печалба.

Потенцијалот на Македонците заминати во светот

Сепак, денес речиси секое македонско семејство има свои деца што заминале во светот на студии или во потрага по добро вработување. Тие се модерните Одисеи што ги гледам на аеродромите за време на велигденските празници, тргнати во посета на фамилиите во Македонија. Тој потенцијал на ум македонската политика, македонското стопанство, не смее и понатаму да го занемарува, затоа што за Македонија е невозможна коренита европеизација на општеството без помош и од тие Македонци, кои некогаш заминале во светот, а денес можеби имаат желба да се вратат и да помогнат со своето искуство и знаење. Погубно би било доколку останатите Македонци во татковината на нивните деца, заминати во светот, уште гледаат од позицијата на анахроната „племенска свест“.

Воопшто, приспособувањето на македонското општество на стандардите на ЕУ-општествата ќе биде долготраен процес во кој луѓето, кои некогаш заминале од Македонија во ЕУ, можат да бидат посредници и помошници во изготвувањето на стратегија за преобразбата на важните сфери во општеството. Тоа важи особено за образовниот и за здравствениот сектор. Македонската влада треба да биде неверојатно иновативна и инклузивна во однос на потенцијалот што го нудат Македонците заминати во светот, затоа што е јасно дека сегашните македонски капацитети во земјата се недоволни за големата општествена, стопанска и образовна праобразба на општеството пред членството во ЕУ. Доколку македонската политика не стане свесна за значајноста на овој аспект, тогаш таа ќе ја пропушти засекогаш шансата да им помогне на заминатите во светот да се вратат во татковината.

(Авторката е филозофина и македонска и германска писателка)

Дојче веле

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот