Како да се спаси Македонија
Единствено народот е загрижен за опстанокот на државата, но и тој е излажан, разочаран и немоќен да го бара излезот од овој надојден безизлез. Неговата можност е во казнувањето на избори, ама повторно го чека разочарувањето поради неисполнување на ветувањата.
Митот за создавањето на Македонија многу ме потсетува на митот за Пандорината кутија, но сега нема да раскажувам легенди од митологијата и да го опишувам злото затворено во кутијата (ќупот) на Пандора, првата жена на планетата Земја што ја создал богот на уметноста Хефест и на која ѝ била доверена да ја чува за да го спаси човештвото од сите маки, страдања и болести, туку ќе ја споменам само разликата во криењето и креирањето на сите зла што ја демнат и од сите страни ѝ се закануваат на нашата земја.
Препорачано
Можеби затоа мошне внимателно и одговорно се однесуваат „чуварите“ на македонската Пандорина кутија и дозволуваат уште да се полни и да се зголемува „ќупот“ со сите опасности, не водејќи сметка дека еден ден можат да се прелијат и да предизвикаат невиден пустош и апокалипса на земјата!
Затоа се наметнува дилемата што да се прави со кутијата, дали да се отвори и да се откријат носителите на злото, или да се чека сама да се распукне? За волја на вистината, и системот и институциите се приспособуваат на ваквата состојба и затоа ја креираат и поддржуваат зашто им ја засилува моќта и ги задоволува нивните потреби. Водствата, пак, под влијание на своите интереси не се загрижени, ниту, пак, размислуваат за пропаста што сигурно доаѓа.
Единствено народот е загрижен за опстанокот на државата, но и тој е излажан, разочаран и немоќен да го бара излезот од овој надојден безизлез. Неговата можност е во казнувањето на избори, ама повторно го чека разочарувањето поради неисполнување на ветувањата. И така со ред се менуваат партиите од позиција во опозиција, а во предизборието успешно ги лажат и манипулираат граѓаните. Всушност, гласачите само тогаш оптимистички се чувствуваат и се надеваат дека доброто и за нив ќе пристигне.
Но, главното прашање на кое сè уште нема одговор е: зошто не се слуша гласот и крикот на народот. Само тоа може да помогне во изнаоѓањето решение за побрзо и побезболно отворање на „Пандорината кутија“ за да отпочне процесот за справување со злото.
Власта и опозицијата не се заинтересирани за промена на состојбата, ниту пак за заедничко дејствување во интерес на народот. Нивната агенда е поврзана со крадењето, богатењето и лажењето. Свесни за незадоволството на луѓето и неповолните резултати од нивното владеење, меѓусебно се обвинуваат истакнувајќи ги своите способности и државотворни заслуги што ги чувствуваат само тие и нивните партиски војници.
Во контактна телевизиска емисија со граѓаните на актуелната тема за напредок на земјата со внимание го слушав предлогот на еден несекојдневен учесник од рурална средина, кој навистина за кратко време може да ја воздигне и да ја унапреди земјата во сите области од животот и работата. Во името на гласот на народот, ќе се обидам да го интерпретирам неговото размислување како клуч за отворање на „Пандорината кутија“ и изнаоѓање вистинско решение за спас на државата и добробит на сите нејзини припадници:
– Итно да се донесе Закон за потекло на имот, исто како што неодамна беше донесен Закон за ново задолжување на државата по скратена постапка и веднаш да се преземат мерки за конфискација на бесправно стекнатите финансиски средства и материјални вредности при што да се покрене судска постапка против прекршителите;
– Да се донесе нов закон за избори со една изборна единица со примена веднаш на првите избори, а не со одложено дејство;
– Да се процесираат сите обвиненија и да се регулира во Кривичниот законик да нема застарување на кривичните дела;
– Да се утврди заедничка стратегија и да се одредат државните интереси од кои во какви било договори да нема отстапувања од нив;
– Да се рестартира и реорганизира правосудството и да се стави крај на корупцијата и криминалот така што за сите еднакво да се применува законитоста и да завладее правото и правдата…
Овде бездруго можат да се набројуваат уште многу барања и предлози од повеќе области во општеството, првенствено од економијата, здравството, социјалата, културата, безбедноста, професионалноста и односите меѓу етничките заедници, меѓутоа поентата е да се слушне гласот на народот и сè да се прави за подобрување на животниот стандард на сите граѓани на Република Македонија.
Во полза на ваквата тенденција е воскликот и обраќањето на поетот: „Кажи земјо, кој сè уште пред врата, но и зад врата ти стои, кој те мами, те гази и судбината ти ја крои, кој те условува и ти го одзема опстојот и кој те раздвојува и ти го презема постојот?!… Љубена моја колку сакам да те опеам, колку убави стихови за тебе да слеам, за да бидеш среќна, весела и вознесена, а не занемена, разземена и разнесена!“
(Авторот е новинар во пензија)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


