кица колбе
Кица Колбе/ Фото: Архива на Слободен печат

„Сетилото за заедништво“ и демократијата

Во земјите со долга агонија на транзицијата, како Македонија, чувството на граѓанско, човечко заедништво се изгуби поради драстичната партизација на општеството.

Последното заедничко дело на познатите германски културолози Алајда и Јан Асман уште во насловот покажува дека тоа е нивниот „интелектуален завет“, главната тема на која го имаа посветено своето животно дело како најпознатата брачна двојка во германската наука за културата. Тие се втемелувачите на германската теорија на „културното паметење“ („Kulturelles Gedächtnis“), која ја обликуваше модерната претстава за историјата во дваесеттиот век како паметење на една одредена заедница во неколку генерации. Нивната научничка и животна преокупација го определи германското паметење на Втората светска војна и на Аушвиц. Алајда и Јан Асман имаат голем придонес во обликувањето на процесот на критичко соочување со тоа минато во германското општество. Затоа не е случајно што ова дело им го посветија на нивните пет деца, зашто го пишуваа заедно, но тоа беше објавено по смртта на Јан Асман, на почетокот на февруари 2024 година. Делото, во кое го истражуваат човечкото „сетило за заедништво, шестото, социјално сетило“ („Gemeinsinn, der sechste, soziale Sinn“), беше објавено во реномираната издавачка куќа C.H. Beck во 2024 година.

„Сетило за заедништво“ како шесто, социјално сетило

Германскиот поим „Gemeinsinn“ буквално значи заедничко сетило, односно сетило за заедништво. Во македонскиот јазик повеќе се зборува за чувство или за смисла за заедништво. Но, со описот на ова „сетило“ како „шесто сетило“, авторите сакаат да укажат дека ние имаме, покрај останатите сетила, и едно „социјално сетило“, кое ги обединува сите други. Кога би го превеле „сетилото за заедништво“ со „чувство“ или со „смисла“, тогаш се губи таа директна поврзаност на ова сетило со човечката природа. Поимот „сетило за заедништво“, пак, се однесува на секој поединец и настанува во рамките на една група. „Тоа ја претпоставува свеста за заедништво. Како што вертикалната, од горе кон долу насочената ориентација кон општото добро е една добродетел на владетелите, така и хоризонтално вмреженото сетило за заедништво е една добродетел на граѓаните“, истакнуваат авторите Асман. Тие дополнуваат дека токму затоа се нарекува сетило за заедништво, а не дух на заедништво, затоа што последново за нив звучи „колективистички, националистички и есенцијалистички“.

Имено, смислата во „сетилото за заедништво“ е суштински индивидуална. Алајда и Јан Асман го разбираат поимот „сетило за заедништво“ во значењето да се има смисла или, на македонски, јас би рекла „дарба“ за нешто, затоа што укажува на индивидуалната дарба за перцепција, за примање на светот. Дарба што може да се обликува, за што, всушност, говореше целата германска филозофија на 18 век, во кој се поставуваа темелите на граѓанската култура. Авторите се уверени дека од „сетило за заедништво“ не може да се направи именка што завршува на „-изам“, како во именките национализам или патриотизам. „А ова е многу значајно, зашто сетилото му припаѓа на човекот како индивидуа и останува поврзано со него, додека еден ‘-изам’ упатува на апстрактен принцип или на колективен мисловен правец“, уточнуваат Алајда и Јан Асман. Во ова укажување се препознава нивната научничка интуиција во истражувањето на културата, која треба да обликува слободни личности.

Од „sensus communis“ до „здрав човечки разум“

Германскиот поим „сетило за заедништво“, „Gemeinsinn“, е превод од 17 век на латинскиот израз „sensus communis“. Римскиот израз и самиот е превод на старогрчкиот, Аристотелов израз „koinē aisthēsis“. Од латинскиот израз sensus communis во англиската филозофска мисла на 18 век беше обликуван поимот „common sense“. Во германската филозофија на просветителството, од англискиот поим на заедничкото сетило, настана поимот „здрав човечки разум“ („gesunder Menschenverstand“), на пример кај Имануел Кант. Овој поим е еден вид заеднички консензус за одредени нешта со сите луѓе во едно општество или заедница. Авторите сметаат дека е важно да се потсети дека во традицијата на Просветителството овој поим означува и одредена морална должност кон своите сограѓани, која во 18 век се опишуваше со поимите „братство“ и „солидарност“.

Историскиот преглед на значењето на поимот „сетило за заедништво“ им помага на авторите Асман јасно да ја формулираат промената што настана по контроверзниот диспут за одредени општествени теми во деведесеттите години. Тој, според нив, начелно го исклучува консензусот, затоа што сè повеќе се губи јасната претстава за „заедничкото добро“. Тоа е особено драстично во глобализираниот свет, но, пред сè, во времето на дигиталната информативна ера, во која владее популизмот и политичката поларизација. Всушност, размислите на Алајда и Јан Асман ни помагаат да сознаеме зошто тоа „сетило за заедништво“ во денешното општество е насушно потребно како граѓанска противсила во борбата со пропагандата, лажните вести и форсирањето од различни центри на моќ на сликата за општеството, но и за светот, според шемата „пријател – непријател“. Авторите го поставуваат фокусот врз етичката споделена хуманост, без која е загрозена демократијата. Граѓанското заедништво се пројавува низ малечки гестови на човечност, но тие имаат симболична сила која ја поврзува заедницата и се спротивставува на политичката поларизација.

Македонија и предизвиците на транзициското општество

Парадоксално, со дигиталната размена на информации, глобалниот свет прави уште посилно да се фрагментира основата на општеството – граѓанската обединетост во „сетилото за заедништво“. Во земјите со долга агонија на транзицијата, како Македонија, тоа чувство на граѓанско, човечко заедништво се изгуби поради драстичната партизација на општеството. Но, самосвеста за нешто што ги обединува сите граѓани, а со тоа ги прави способни за граѓанска солидарност, е најзначајниот темел не само на цивилното општество, туку и на демократијата. Кога таа е загрозена од многу страни, граѓанската солидарност, граѓанската самосвест за себеси како противсила на партиските идеологии што го поларизираат општеството, е еден од најважните фактори во борбата за сочувување на демократијата. За меѓупартискиот диспут во земјите како Македонија е важно сознанието дека многу политичари ја прифатија популистичката реторика со која немилосрдно се напаѓа политичкиот конкурент, а притоа го изгубија од вид токму она поради што гласачите им ја дадоа довербата: ветувањето дека ќе се заложуваат за општото добро, што треба да биде добродетел на политичарите. Кога тие ја забораваат таа добродетел, тогаш за демократијата станува уште понасушна граѓанската активност, нивното „сетило за заедништво“ како значајна корективна сила на партиите и како обединувачки фактор во општеството.

(Авторката е филозофина и македонска и германска писателка)

Дојче веле

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот