Гордана Бешлиовска

Туѓи практики и искуства во нашата реалност

Повод: прекинот на проектот „Унапредување на образованието за медицински сестри и акушерки и воспоставување на системот за признавање на професионалните квалификации во Република Северна Македонија (2024-2025)“

Во македонското здравство одамна научивме да препознаваме кога нештата се прават во име на добробит на медицинските сестри, медицинските техничари и пред сè во име на доброто на пациентите и, за жал, кога истите „проекти“ и иницијативи остануваат само фотографии, букви и бројки на хартија без директен импакт во реалноста.
Разликата е огромна. Првото создава вредност, второто создава извештаи!

Последните години сведочиме на многубројни иницијативи, стратегии, работилници, комисии, обуки и проекти кои наводно имаат за цел да ја унапредат сестринската професија и македонскиот здравствен систем во целост. Носители на ваквите проекти најчесто се разноразни „тела“ од Министерството за здравство или Министерството за образование, разноразни партиски комисии, иницијативи под водство или во рамки на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во земјава, Црвениот крст, локалната самоуправа, големите корпорации во здравствениот или фармацевтскиот сектор итн…
Несомнено иницирачкиот момент е позитивен, прогресивен и со добра намера! Но, на почетните средби или на хартија сè изгледа импресивно.

Во македонската реалност и искуствени практики, за жал, по ваквите проекти, позитивните резултати не ретко или речиси во целост отсуствуваат.

Најголемата грешка што постојано, низ децениите по осамостојувањето, се повторува во различни области на општественото живеење, е нашето „слепо“ уверување дека сè што е успешно во некоја европска земја мора по секоја цена да биде успешно и кај нас. Реформите и промените во здравствените системи не смеат да се копираат како административни обрасци. Тие се градат врз реалните потреби на луѓето, професионалците и општеството во кое егзистираат.

Како што земјоделецот најнапред ја анализира почвата пред да посее семе, така и здравствените политики треба да се темелат на внимателно испитување на реалните потреби на системот. Ако во почва со една структура се засади култура што успева во сосема поинакви услови, резултатите најчесто изостануваат. Истото важи и за здравствените реформи. Ниту хрватскиот, ниту шведскиот, ниту пак последниот словенечки модел не можат во целост да бидат „накалемени“ на македонската реалност и на здравствениот систем на сите негови нивоа. Секој систем е производ на сопствените историски, организациски и професионални специфики.

Да биде иронијата и поголема, понекогаш како „нови и современи практики“ ни се претставуваат решенија што некогаш веќе постоеле во нашиот здравствен систем и давале добри резултати, но со текот на времето биле или занемарени, укинати или „ненамерно“ заборавени.

Неспорно е дека проектите и меѓународната поддршка можат и носат значајни придобивки. Но, секој од овие проекти треба да бидат проследен со јасна евалуација: што е реализирано, какви резултати се постигнати, какво е влијанието врз професијата и најважно – дали пациентите со таквите реформи и промени би добиле реална и поквалитетна здравствена услуга.

Во рамки на професионалните здруженија и струкови организации, со години се спроведуваат анализи на состојбите на терен, преку ангажман на високостручни профили од практиката. Се собираат податоци, се идентификуваат проблеми и се предлагаат решенија.

Во овој контекст, особено важно е да се истакне улогата и активностите на Сојузот на Здруженија на медицински сестри и медицински техничари предводени од ЗМСТАС „За нас“, чиешто повеќеилјадно членство ги обединува медицинските сестри, акушерките и стоматолошките сестри од сите нивоа на здравствениот систем кај нас. Преку континуирани активности, семинари, конгреси, анализи и податоци од теренот, стручни расправи, иницијативи и професионален ангажман, Сојузот и лидерското Здружение придонесуваат кон афирмација на сестринската професија и унапредување на нејзината позиција во здравствениот систем.

Со години и покрај ваквите напори, останува отворено прашањето: зошто и поради што, сознанијата, анализите и предлозите што доаѓаат од теренот мошне ретко или воопшто не се земаат предвид при носењето и креирањето на какви било одлуки пресудни за реалните состојби на професијата медицинска сестра и медицински техничар, а со таквите политики и консеквентно врз реалните состојби на вредноста на пациентите. Нашите реакции и во контекст на последниот меѓународен проект за реформи во здравствениот систем, одеа токму во таква позитивна конотација и желба за успех на истиот!
Иако загрижува и фактот што мислењето на широката професионална заедница ретко добива вистинска „тежина“, се чини дека посериозен проблем е состојбата во средина со долга традиција на неформални центри на влијание и „блискости“ по различни основи, па во тој контекст и искреното укажување на слабостите и на професионалните недоследности во проектот, не секогаш се доживуваат како лична и професионална одговорност, туку како атак на нечии суети и конформизам. Неретко во ваквите домашни и меѓународни проекти, улогите на „добри познавачи“ на состојбите, за чудо ги добиваат повторно „довчерашни луѓе“ на кои некогаш им било дадено и доверба и можност и време, но од нив за жал некој не побарал резултати и одговорност. Истите членови во проектните групи, често избирани поради нивната партиска активност и подобност, а не поради компетенции, професионален кредибилитет или активна вклученост во секојдневната практика, настапуваат со застарени и целосно нефункционални податоци и решенија за реалните состојби на македонскиот здравствен систем.

Наместо реално поткрепените аргументи да бидат предмет на расправа, мета, како по правило, стануваат луѓето коишто ги изнесуваат истите од целосно независна и исклучиво професионална позиција, зашто странците доаѓаат и си заминуваат, а ние остануваме тука и треба да погледнеме во очите на нашите пациенти и колеги.
Во секој сериозен систем постои евалуација. Постојат независни анализи и проверки на резултатите. Постои одговорност! Лична и колективна!

Професијата или моменталната општествена улога и позиција не смее да биде средство за лични промоции, ниту пак проектите (и домашните и меѓународните) смеат да станат цел сами по себе или арена на интереси од каква било провиниенција. Сестринството не е сопственост на поединци. Тоа е професија изградена од генерации на посветени и хумани луѓе.

Македонија имала и има сопствени експерти во сите области чиишто имиња и дела, за жал, многу повеќе се почитуваат надвор од нашите граници, во „белосветските“ универзитетски, клинички центри и институти.

Здравството не смее да си го дозволи „луксузот“, за „дилема“ околу професионализмот, знаењето и автохтоното искуство на македонските познавачи на реалноста наспроти личните, групните, партиските, па ако сакате и на меѓународните институционални влијанија и проектни интереси, затоа што цената на крајот е статус-кво состојби и стагнирање на вистинскиот развој на сестринската професија во земјава. За жал „домино ефектот“ најмногу и како по правило, го чувствуваат пациентите.

Позитивните реформи и практики од другите земји и модели на туѓи национални здравствени системи треба да бидат искористени како поттик и насоки за реформи и решенија, коишто произлегуваат од повеќеслојната македонска реалност, вистинските приоритети и потреби, од нашите искуства и од одговорноста што ја имаме кон нашите пациенти и кон иднината на професијата.

(Авторката е дипломирана медицинска сестра и м-р од областа на Здравствен менаџмент)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот