Големината на човекот се мери по неговата едноставност
Вистинската вредност на еден настан лежи во разговорите што се водат, во искуствата што се споделуваат и во луѓето што се подготвени да понудат нешто ново.
Во изминативе години имав можност не само да присуствувам, туку и директно да организирам и да координирам голем број јавни настани поврзани со спортот, спортските политики и спортската дипломатија. Тоа искуство ми овозможи одблиску да ги запознаам луѓето што го движат спортот напред, од локални ентузијасти до меѓународно признаени експерти/ки, професори/ки, директори/ки, претседатели/ки на организации и носители на важни одлуки.
Препорачано
Секој настан има своја агенда, своја програма и свои цели. Но, ако нешто научив низ годините, тоа е дека успешноста на една конференција не се мери според локацијата на која се одржува, ниту според раскошот на просторот во кој се собираат гостите, ниту според медиумските камери насочени кон салата. Еден настан може да биде организиран во најлуксузниот хотел. Гостите може да седат на најудобните столови, да бидат послужени со најквалитетна храна и пијалаци, а секој детаљ да биде беспрекорно испланиран. Но, и покрај сето тоа, конференцијата може да биде без суштина и без вистинска вредност.
Од друга страна, настан организиран во далеку поскромни услови може да остави силна трага и да создаде нови идеи и нови партнерства. Зошто?
Затоа што душата на секоја конференција не e салата, кетерингот или протоколот. Душата на секоја конференција се луѓето.
Вистинската вредност на еден настан лежи во разговорите што се водат, во искуствата што се споделуваат и во луѓето што се подготвени да понудат нешто ново. Целта на ваквите собири треба да биде да создадат простор каде што ќе се сретнат луѓе што можеби инаку никогаш не би имале можност да разговараат. Да се разменат идеи. Да се направи пресек на она што е постигнато. И најважно, да се отвори пат кон следниот чекор. Во целиот тој процес, најголемото внимание треба да биде насочено кон програмата и кон луѓето што ќе излезат на сцената. Упатените зборови, добро промислените говори, искрените насмевки меѓу говорниците и новите идеи што несебично се споделуваат –тоа е магијата што една сцена треба да ја создаде.
Низ годините имав можност да соработувам со многу личности што поседуваат огромно знаење и неспорна експертиза. Интересно е што меѓу нив секогаш можат да се препознаат два различни пристапи. Постојат луѓе кои излегуваат на сцена за да бидат видени. За нив е важно како изгледаат, каде седат, како ќе бидат претставени и каков впечаток ќе остават. Нивниот настап е насочен кон тоа да ја потврдат сопствената важност.
Но, постојат и други.
Луѓе на кои помалку важно им е како ќе изгледаат, а најмногу им е важно дали пораката што ја носат ќе стигне до публиката. Луѓе што не се грижат дали камерите се насочени кон нив, дали нивното име е напишано со поголеми букви или дали седат во првиот ред. Тие се фокусирани на суштината. Тие се луѓето што ја даваат душата на конференцијата.
Колку повеќе ги запознавав ваквите личности, толку повеќе ми се потврдуваше една едноставна, но многу важна вистина: колку еден човек има поголемо знаење, поголемо искуство и поголема самодоверба, толку е поедноставен. Тие не се оптоварени со протокол. Не се оптоварени со титули или статусни симболи. Нивната вредност не произлегува од местото на кое седат, туку од она што го носат во себе. Човекот со големо знаење и вистинска самодоверба ретко е арогантен. Напротив, токму тој најчесто е и најљубезниот човек во просторијата. Можеби затоа ароганцијата толку често оди рака под рака со несигурноста. Таа е маска за незнаење, додека вистинското знаење носи смиреност и почит кон другите.
Тие не го чуваат знаењето како привилегија. Го споделуваат. Тука, според мене, лежи големата разлика меѓу луѓето. Има луѓе што своето знаење го користат за да создадат подобри услови за сите околу нив. Има луѓе што веруваат дека вредноста на знаењето расте кога се споделува. Но, има и такви што знаењето го чуваат како средство за лична надмоќ. Како алатка преку која ќе останат недопирливи и повисоко поставени од другите.
Овие вторите лесно се препознаваат. Кога зборуваат, тие зборуваат од позиција на авторитет. Нивниот тон создава дистанца. Нивниот настап испраќа порака дека се над останатите. Оние првите, пак, зборуваат како рамноправни соговорници. Без разлика колку знаат повеќе од публиката, тие успеваат да создадат чувство дека сите заедно учат и растат. Тоа не се гледа само во зборовите. Се гледа во јазикот на телото. Во отворените движења. Во начинот на кој воспоставуваат контакт со луѓето. Во топлината на гласот. Во подготвеноста да слушнат, а не само да бидат слушнати.
Верувам дека во Македонија има многу вредни луѓе што заслужуваат да бидат препознаени. Луѓе со огромно искуство, сериозна експертиза и искрена желба да помогнат. Да ги препознаеме оние што не се качуваат на сцената за да изгледаат поголеми во очите на другите. Да ги препознаеме оние што излегуваат пред публиката затоа што имаат што да кажат и затоа што искрено веруваат дека нивното знаење може да придонесе за подобра иднина. Луѓето кои навистина вредат не се обидуваат да ги намалат другите за самите да изгледаат поголеми. Тие ги подигаат другите.
Секој јавен настан повторно ми ја потврдува истата вистина. Најголемите имиња најчесто се наједноставните луѓе. Најголемите експерти најчесто имаат најмалку потреба да докажуваат колку знаат, затоа што нивното знаење зборува наместо нив. Тие со еднаква почит разговараат и со директорот и со волонтерот, затоа што искуството ги научило на скромност, а не на надмоќ. И токму затоа, вистинската големина не се мери со титули, протокол или внимание. Таа се мери во едноставноста, почитта и човечноста што човекот ги носи во себе.
(Авторката е експертка по спортска дипломатија)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


