Мирослав Грчев - архитект / Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Хоризонти создадени од нашите верувања

Најголемиот „миротворец“ на планетата, и неспорниот морален Олимп што пресудува за тоа кој е добар а кој лош во светот, кој е корумпиран а кој не е, кој е опасен за мирот во светот и за сигурноста и безбедноста на земјите (на Глобалниот запад), според академска студија, предизвика, започна и водеше дури 201 воен конфликт од 1945 до 2001, или дури 81 отсто од сите 248 воени судири на планетата.

Секоја голема геополитичка поделба на територии и интересни сфери, исто како и секоја системска неволја што удира милиони луѓе, како што се, на пример, фашизмот или неолиберализмот, сакаат себеси да се направат невидливи. Невидливоста им го гарантира траењето, безбедноста и стабилноста, што главно се постигнува со пропагандна нормализација на состојбата, односно со градење општоприфатен наратив дека станува збор за „природна“ или „закономерна“ или „историски детерминирана“ состојба. Овој историцизам, меѓутоа, ја рамни ретроактивно историјата по своја мера, пишувајќи ја секогаш одново, исто како што со таа повторно напишана историја ги мазни мозоците на милионите потчинети „слободни“ луѓе.

Така е „израмнета“, како и да не се случила, третата геополитичка катаклизма што го заврши кусиот и крвав 20 век. За потсетување, векот почна со Големата војна во 1914 година, со својата прва светска геополитичка катаклизма, потоа созреа низ Втората светска војна, кога човештвото ги достаса своите неповторливи „висови“ во ефикасноста и масовноста на уништувањето на луѓе. Периодот по најкрвавата од сите војни па до крајот на векот во 1991 година може да се нарече период на глобална деколонизација и еманципација на народите, во кој – барем навидум – се почитуваа Повелбата на Обединетите нации и Универзалната декларација за човечките права. Иако многу земји и тогаш ги кршеа овие темели на меѓународниот поредок и право, особено оние моќните, сепак тоа беше период на кој човештвото веројатно може најмногу да биде гордо.

Третата геополитичка катаклизма со која векот заврши се случи во 1991 година, со растурањето на Советскиот Сојуз, насилното распарчување на Југославија и самопоништувањето на социјалистичката идеја на целата планета. Оваа трета геополитичка калварија за среќа не беше толку експлозивна како првите две, но геополитички коренито го преобликува светот: од биполарниот светски поредок настана монополарниот поредок, со САД како единствена планетарна суперсила и политички, воен и економски хегемон.

Но, хегемонот мораше својата доминација да ја оствари со освојување на териториите и интересните сфери на поразениот противник (Советскиот Сојуз), па првите 35 години од векот, практично до ден-денес, ова освојување – кое се случуваше само во Стариот и Најстариот Свет, Европа и Блискиот и Среден Исток – се манифестираше со политички преврати или крвави војни на линијата на проширувањето на НАТО и ЕУ или новиот Drang nach Osten (Продор на Исток), во проширувањето на исток кон Русија, и во кругови околу регионалниот агресор Израел: Либан, Сирија, Ирак, Јемен, Либија, Иран итн.
Светската доминација на САД за блескаво кусо време им ги измазни мозоците на жителите на богатиот Глобален север, и им ја всади новата верзија на историјата во која целиот период од денес па до Втората светска војна е период на „поредок воспоставен на правила“ еден континуиран Pax Americana, во кој САД го гарантираат светскиот мир и глобалниот процут на (нео)либералниот капитализам. Во таа индуцирана интерконтинентална амнезија беше можно буквално сите лидери на земјите на Глобалниот север (САД, ЕУ, Британскиот комонвелт и др.) кога Крим ѝ се приклучи на Русија во 2014, (со референдум, прогласување на независност, собраниски одлуки и сите „салтанати“), ова повторно обединување на автономната област со Русија да го наречат „прва насилна анексија во Европа по Хитлеровата анексија на Австрија во 1938“.

Но, за каква монструозна и селективна амнезија се работи во тогашната реакција на обединувањето на Крим со Русија, кое предизвика констернација во Европа, се гледа од една друга вистинска анексија што остана потполно невидлива! Затоа што, кримската „анексија“ е игра за мали дечиња по својата магнитуда споредено со грамадната анексија на Демократска Република Германија од страна на Западна Германија во 1990?! Оваа огромна и вистинска анексија, едно практично политичко, воено, полициско и економско проголтување на Источна Германија од страна на Западна, која се изведе без каков и да е референдум или плебисцит, и претставува најголем геополитички пресврт од Втората светска војна, се слави како културно-историски чин на обединувањето на двете Германии, а зборот анексија никогаш не се споменува во тој контекст!

Или, кога шефицата на европската дипломатија Каја Калас, со дипломатска интелигенција на полуидиот, некни категорично одби ЕУ да води мировни преговори со Русија (и тоа од говорница на Советот за безбедност на ОН), затоа што оваа „го прекршила за првпат по Втората светска војна светото правило дека државните граници не смеат да се менуваат со сила“, светот не се преврте на глава од ужас или смеа. А требаше, затоа што границите на Југославија беа сменети на сила, потоа границите на СР Југославија беа сменети на сила, првин со бомбардирање на целата земја од страна на безмалку сите НАТО-земји, а потоа со копнена инвазија и окупација на Косово. Потоа НАТО насилно ги смени границите на Ирак, Јемен, Либија, Сирија, и да не набројувам повеќе за да не го потрошам сиот простор на есејов.

Или конечно, каква неверојатно моќна пропаганда машина за перење на мозоци, со употреба на анјонски препарати за растворање протеини, е употребена за милијардата жители на Глобалниот север да поверуваат со сета своја душа, знаење и срце дека Соединетите Американски Држави се „чуварот на светскиот мир“ или „лидер на слободниот свет“ или гарантор и заштитник на човечките права и демократијата во светот?! А станува збор за најмоќната и најзлата империја во историјата, која според Проектот за истражување на воените интервенции на Универзитетот Тафтс, извршила речиси 400 воени интервенции во други земји, од 1776 до 2019 година, од кои најголемиот дел се случиле по Втората светска војна, кога САД станаа глобална Империја, а дури стотина војни и воени интервенции во странски земји Америка изврши по 1989 година!

Најголемиот „миротворец“ на планетата, и неспорниот морален Олимп што пресудува за тоа кој е добар а кој лош во светот, кој е корумпиран а кој не е, кој е опасен за мирот во светот и за сигурноста и безбедноста на земјите (на Глобалниот запад), според друга академска студија, предизвика, започна и водеше дури 201 воен конфликт од 1945 до 2001 година, или дури 81 отсто од сите 248 воени судири на планетата! Да не зборуваме за документираните 66 тајни насилни операции за сменување влади и режими во различни земји и за поддршката буквално на сите профашистички, неолибералистички, компрадорски, клептократски, човекојадски и други диктатори, автократи и геноцидлии, од Трухиљо до Папа Док, од Сомоза и Пиноче, па до денешниот Нетанјаху, каде и овие да се појавеа низ целиот 20 век, па сè до моментот кога ги пишувам овие редови.

Но, светогледите се направени луѓето да не ги доведуваат во прашање за време на својот живот, како хоризонти што го опкружуваат нашиот живот, и како ѕвезденото небо што нè дочекува и нè испраќа во бесконечноста постојано исто, безбедно, и непроменето. Тоа ја прави смислата на ова писание потполно нејасна, и можеби непотребна за сите што цврсто веруваат во она во што поверувале.

(Авторот е архитект и универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот