Кирил Паковски

Белградскиот палимпсест

Како некој може да чувствува носталгија за време во кое никогаш не живеел? Прашање што звучи убедливо сè додека не се сетиме дека истите тие луѓе живеат во нераскинливата митологија на сопствениот етос, стар илјадници години или, во некои случаи, уште од библискиот прапочеток.

Призмата низ која го гледав Белград последниве десетина години беше подесена на еден единствен филтер: политичкото однесување на Српската напредна странка (СНС), нејзините поддржувачи и на нејзиниот неприкосновен владетел – претседателот Александар Вучиќ. Засилен од целосно преданите режимски медиуми, тој филтер пропушташе само една слика: криминали, невкус и кичерај единствено споредлив со проектот Скопје 2014.

Ако треба да дадам човечка аналогија на најголем дел од објектите од СК2014, тоа би биле оние пинк „фуфици“ со потечени усни, пренагласени гради и испржени коси во неприродно бели тонови, додека стојат пред влезот на сплавовите од кои трешти новокомпониран турбофолк. Со еден збор – неокласицизам.

Идеализираната верзија на градот остана како кадар од стар југословенски филм: лут Павле Вујисиќ плови со својот брод по Дунав во сончев летен ден, додека над брегот полека се крева чадот од кафеаните. На тој кадар се надоврзуваат сликите од белградските бендови пред Дом омладине.

Тие кадри веќе станаа носталгија стара повеќе од половина век.

Носталгија за време во кое јас не сум живеел.

Впрочем, тоа е и главната критика на постјугословенските националисти: како некој може да чувствува носталгија за време во кое никогаш не живеел? Прашање што звучи убедливо сè додека не се сетиме дека истите тие луѓе живеат во нераскинливата митологија на сопствениот етос, стар илјадници години или, во некои случаи, уште од библискиот прапочеток.

Но носталгијата за времето во кое не сум живеел е многу пожива отколку што изгледа на прв поглед. На белградското пристаниште минатата сабота настапуваше Дарко Рундек со својот бенд и со членови од Хаустор. Тоа е истиот оној легендарен состав што ги оттурна границите на рокенролот и поезијата далеку над тесните балкански митологии.
А тоа, барем во мојот случај, не е носталгија. Повеќе е чувство на блискост со уметничките и интелектуалните текови што се создавале во времето на Југославија.

Можеби токму затоа толку лесно се преплетува со носталгијата на луѓето кои биле родени, растеле и живееле во заедничката држава.

Критиката на постјугословенските националисти е насочена кон опресијата на комунистичкиот режим, еднопартискиот систем и култот кон личноста на Тито. Таа би била конструктивна критика доколку не доаѓаше токму од луѓе кои денес маршираат рамо до рамо со осудени убијци во одбрана на сопствениот партиски лидер.

Веројатно тоа е и главната тема: како да се зачува културата додека политиката упорно се стреми да ја распарчува?
Додека шетав низ Дорчол, бев целосно затечен од неговиот ритам. Се почувствував измамено – тоа беше ритамот на еден европски главен град. Највеќе се почуствував измамено бидејќи тој дел од градот продолжил да живее. Покрај војните, санкциите, бомбардирањето, транзицијата и автократските режими, неверојатно многу маала во таа населба се имаат спротивставено на баналноста. Непослушноста таму е дел од културата.

Додека проаѓав покрај Факултетот за хемија, се присетив на стрмоглавиот пад на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на меѓународните академски рангирања. Белградскиот универзитет од друга страна, е меѓу највисоко рангираните во регионот. Го задржа својот академски престиж и покрај неверојатната наезда на приватни универзитети и купени дипломи во истиот град.

Градскиот превоз е бесплатен за белградските жители и неговите посетители. Проект спроведен од истиот политички нус-продукт што со години го поврзував со кичот, криминалот и режимските медиуми. Во Скопје, сличен политички нус-продукт ветуваше бесплатен градски превоз. Од тоа ветување останаа расипани автобуси и пропуштени линии.

Она што ме изненади е тоа што сега имам нов слој врз моите замисли за тој град. Тој слој е жив, составен од мирис на липи, стари фасади и кафулиња на секој чекор. Составен од луѓе кои, на мое чудење, не живеат во постојана потреба од агресија и насилство.

Додека се враќав назад кон Скопје, прочитав вест дека претседателката на Советот за македонски јазик поднесува оставка. „Преку некои работи не може да се премине“, напишала таа, без дополнително образложение. Сето тоа во момент кога градот се подготвува да ја понесе титулата Европска престолнина на културата.

Помислив само преку колку работи може да се премине. Во Скопје културата ја претворивме во бескрајно трпение пред некултурата. Во советот „не се спуштај на негово ниво“. И така со години гледавме право пред себе, со затворени очи, сè додека веќе не остана ниво на кое би можело да се спуштиш.

Потоа ми текна на дедо ми, кој дваесет и пет години живеел и работел покрај Ибарската магистрала, на самиот влез во Белград. На деведесеттите години кога Скопје им било прибежиште на музичарите од распаднатата Југославија. На Балашевиќ и „Не волим јануар“. На Доситејова улица што мирно минува низ Дорчол.

Се сетив на Влада Дивљан, кој раскажуваше дека по концертот на Леб и сол останале без зборови.

Не сакав да ја барам Бакичева улица. Тој дел од Белград одамна продолжил да живее без мене, исто како што јас со години живеев со неговите песни, улици и приказни без никогаш да сум бил таму.

(Авторот е молекуларен биолог)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот