По инфлацијата доаѓа „чипфлација“
За разлика од претходните кризи и причините за инфлација, водечките аналитички куќи како Морган Стенли предупредуваат дека притисокот од вештачката интелигенција (ВИ) би можел да донесе долгорочно преструктурирање на понудата и на побарувачката, а технологијата и енергијата да ги направи трајно поскапи.
Експлозијата на развојот на вештачката интелигенција ги пренасочи производствените капацитети на глобалните производители на чипови и меморија кон индустријата за ВИ, што предизвика недостиг на мемориски компоненти, поради што поскапуваат паметните телефони, компјутерите и другата потрошувачка електроника. Бидејќи вештачката интелигенција, поточно центрите за податоци што се градат низ целиот свет „голта“ премногу меморија, многу повеќе отколку дигиталните уреди што секојдневно ги користиме, вклучувајќи ги и автомобилите, поради што, најголемите светски производители на микрочипови се свртеа кон новата „златна кокошка“, сè повеќе занемарувајќи го пазарот на потрошувачка електроника.
Еуфоријата околу продажбата на чипови за вештачка интелигенција, наместо на производителите на мобилни телефони и лаптопи, толку многу ја зголеми цената на меморијата што производителите сериозно размислуваат во уредите да вградуваат електроника со послаб квалитет, како застарени екрани, за да ја компензираат цената на микрочиповите, која постојано расте бидејќи тие хронично почнаа да недостигаат на пазарот.
Препорачано
Се наоѓаме во маѓепсан круг во кој цената на меморијата расте поради големата побарувачка од индустријата за развој на вештачка интелигенција, но и поради недостигот на микрочипови предизвикан од таа побарувачка, што резултира со раст на цените на производите на кои им е потребна меморија. Не само што потрошувачката електроника ќе поскапи, туку ќе ни продаваат и електроника со поевтини и застарени компоненти.
Во растот на цените на микрочиповите аналитичарите гледаат нов, скриен извор на инфлација кој тивко, „во заднина“ на нафтениот шок предизвикан од конфликтот во Персискиот Залив, постепено го поскапува секојдневниот живот, но тоа сè уште не се гледа во статистиките.
Таа побарувачка за микрочипови економистите веќе ја нарекуваат „чипфлација“, бидејќи создава ценовен притисок што од технолошкиот сектор се прелева врз целокупната економија додека масовните вложувања во ВИ-инфраструктурата предизвикуваат макроекономски нарушувања на повеќе нивоа, пред сè на страната на понудата, која бележи недостиг на мемориски чипови што се користат во секојдневните уреди.
Затоа производителите на електроника се принудени да избираат меѓу помали маржи или префрлање на трошоците врз купувачите, а главно се одлучуваат за втората варијанта, поради што поскапуваат „гаџетите“.
Нарушувањата се видливи и на страната на побарувачката, која аналитичарите на Дојче банк и Голдман Сакс ја нарекуваат технолошко стампедо, во кое бескомпромисните вложувања во ВИ-опрема создаваат класична инфлација поттикната од прекумерна побарувачка.
А со оглед на фактот дека центрите за податоци или ВИ-акцелераторите енормно трошат и електрична енергија, со што ја оптоваруваат мрежата, тоа неминовно ќе доведе до раст на цената на струјата, се очекува токму овој тренд да ја зголемува вкупната инфлација во наредните години.
Имено, најобично прашање што ќе ѝ го поставиме на ВИ троши десетпати повеќе енергија од обично интернет-пребарување, центрите за податоци трошат струја колку помали држави, а дистрибутерите зголемените трошоци ги префрлаат на крајните потрошувачи преку повисоки тарифни ставки.
Освен тоа, софтверските компании веќе вградуваат функции со вештачка интелигенција во своите постојни производи, а од корисниците бараат дополнителна доплата за унапредување на софтверот, што повторно го поттикнува растот на цените.
За разлика од претходните кризи и причините за инфлација, водечките аналитички куќи како „Морган Стенли“ предупредуваат дека притисокот од ВИ би можел да донесе долгорочно преструктурирање на понудата и побарувачката, а технологијата и енергијата трајно да ги направи поскапи.
Тоа, пак, е во целосна спротивност со претходните процени според кои вештачката интелигенција долгорочно требаше да донесе намалување на трошоците и раст на продуктивноста, односно да делува дефлаторно, но досегашните краткорочни ефекти покажуваат спротивен тренд.
Економистите исто така предупредуваат дека стотици милијарди долари инвестиции сè уште не донеле значителен придонес за вкупниот економски раст.
Сепак, бројни анализи укажуваат на фактот дека првпат по повеќе од 60 години цените на технолошките производи растат побрзо од платите, па многу брзо би можеле да се најдеме во ситуација во која инвестициите – особено во технолошкиот сектор – ќе растат, а личната потрошувачка ќе слабее.
Но ние не мора да се плашиме, бидејќи Владата донесе антиинфлациски мерки. Во нив воопшто не се спомнува влијанието на развојот на вештачката интелигенција врз инфлацијата.
(Авторот е новинар)
Вијести
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


