Скаска за нашата канцерогена и смртоносна вмрома
Замрзнати во времето, ние не можеме да ги согледаме драматичните промени што Европа, од рајскиот остров со уредената градина што предизвикуваше општа завист, ја претворија во милитаризирана воена краина, која се подготвува за сеуништувачка војна, градејќи патем одбранбени ѕидови, престорувајќи ги државните граници во огради на концентрациони логори, со столбови за надзор, жичани огради со завршници од бодликави и жилет жици.
И додека светот се крши и дроби во судирот на своите геополитички тектонски плочи, а во испрекршените линии на судирите се случуваат геноциди, етнички чистења и конечни решенија, и се измислуваат нови средства за убивање кои тегобно наликуваат на дроновите од дистописките филмски остварувања од пред 30 или 40 години, ние во Македоња, заглавени до гуша во калта на сопствената декапацитираност – институционална, културна и интелектуална, уште расправаме за нашето европско беспаќе, за стрмната линија на нашето константно општествено пропаѓање, за бугарските грбни бодежи и за идентитетските прашања живот што значат. Која ли залудност, јаловост, неинвентивност и неподнослива досада.
Препорачано
Колку и да се труди човек да се исклучи од оваа скудоумна и бескрајно повторлива баналност на нашата стварност, нема шанси да ја одржи херметички изолирана својата осаменост, зашто густата и леплива, кафена и смрдлива реалност продира во сите пукнатини од кои ние, будали, очекуваме зрак светлина и надеж. Но, да тргнеме по ред.
Најважната тема на денот, но и на векот, е темата на нашето постоење, која е длабоко поврзана со папочна врска со темата на нашето зачленување во европскиот клуб. Уште од самиот ден кога прогласивме независност и сувереност, заклучивме дека зачленувањето на Македоња во Европската Унија е безалтернативен услов за нашето постоење во разбрануваната иднина. Практично признавме дека со помошта на сопствените органи, ткива и внатрешен скелет, не сме кадарни да ја одржиме ниту унитарноста, ниту независноста, а ниту пак државноста, па за опстанокот ни е неопходен европскиот надворешен скелет. Всушност, од моментот на прогласувањето на независноста и сите овие 35 години месење на живата и леплива кал во која сме заглавени, ние пропаѓаме буквално во сите културни и државно-институционални параметри.
Во таа драма на апсурдот, која да беше добро напишана требаше да биде барем забавна, а не досадна баљезгарија каква што е, дејствието е поделено на внатрешни и надворешни актери. Внатрешните се делат на патриоти и предавници, но и на проевропски и антиевропски сили, кои од (не така) скоро добија и расистички азиски прерогативи. Надворешните актери се делат исто така со длабоко расистички атрибуции на европски, кои се воедно и либерално-демократски, и на азиски или проруски, кои се воедно и авторитарно нелиберални по дефиниција. Но, дејствието од драмата на апсурдот – освен што според талкањето во место наликува на култната „Чекајќи го Годо“ – нема структурирано дејствие од прости причини што сите ликови се создадени врз основа на лажни, глупави и бескрајно статични својства. Практично никој не е она за што се претставува, а спротивставените табори се групираат и препознаваат само според припадноста на ѓоловите во кои се вшанчиле.
Каква е поделбата на карактерите? Патриотите, вечното вемеро, се идентификуваат како носители на македонската расна, крвна, национална и државна посебност која во нивните мали зелени и мазни мозоци, како зрно грашок, потекнува уште од пред 65 милиони години од времето кога македонскиот натчовек ги замени диносаурусите како господари на сувоземието на планетава. Двете нивни структурални, значи генетски, својства се модрите гради, како последица на самоудирањето и нарикањето колку многу ја сакаат Македоња, и паразитската природа која ги тера што и да направат да биде на штета, и тоа на смртоносна штета, за земјата во која паразитираат.
Предавниците, од друга страна, патат од самоуништувачки комплекс на конструктивност и политичка наивност, и упорно мислат дека надворешните актери, само ако се нурнеме во нивните прегратки, во нивниот клуб, ќе не излечат од генетската болест која ја носиме со себе, а тоа е имунобиолошката болештија во која патриотите, оние што најмногу ја сакаат татковината, со секое свое движење и дамар ја убиваат однатре, сè повеќе и неповратно. Ние предавниците, веројатно заради одбегнување на соочувањето со безнадежта, упорно го одбегнуваме фактот дека вемерето го носиме со себе каде и да одиме, а европскиот клуб на себичњаци, зашто сите земји се себични, дури, колку се повеќе уредени и помоќни толку се и посебични, велам, тој клуб никогаш нема да се бави да ги лечи нашите генетски заболувања.
Потоа, тука се надворешните актери, пред сѐ клубот на европските земји што се здружија околу „европските вредности“, но не забележаа дека како што почнаа да го зголемуваат клубот, ширејќи ја границата на Унијата кон исток, „вредностите“ се престорија во империјалистички интереси за несопирливо ширење на лимесот. А пак, оваа ирационална империјална опсесија – да се шири постојано, инаку ќе почне да се намалува и распаѓа – се совпадна со интересите на светскиот хегемон чиешто ширење на исток беше артикулирано со политиката на ширење на воено-политичкиот сојуз НАТО.
И така, без да осети никој, беше извршена натоизацијата на Европа, која стана воена краина, и која без каква и да е демократска постапка одлучи унисоно да дава за оружје и водење на војна дури 5 насто од својот бруто-производ или помеѓу 10 и 30 насто од државните буџети на земјите членки. Се разбира дека во услови на хистерична милитаризација на Европа и воведувањето на воена економија, цензура и сеприсутна контраразузнавачка несигурност и закана, од европските вредности во Европската Унија не остана буквално ништо. Човечкото достоинство, слободата, демократијата, рамноправноста, владеењето на правото и човечките права станаа само празни зборови што веќе не значат ништо во политичката стварност на Унијата, иако уште ги красат нејзините банери.
Замрзнати во времето, ние не можеме да ги согледаме драматичните промени што Европа, од рајскиот остров со уредената градина што предизвикуваше општа завист, ја претворија во милитаризирана воена краина, која се подготвува за сеуништувачка војна, градејќи патем одбранбени ѕидови, престорувајќи ги државните граници во огради на концентрациони логори, со столбови за надзор, жичани огради со завршници од бодликави и жилет жици. Унијата што некогаш се фалеше со уривање на границите, веќе со години ги обѕидува своите граници со логорски и затворски огради и воведува сѐ поостри контроли на граничните преоди.
Но, во нашите реторики и внатрешни јалови дебати Европа е онаа истата, идеалот на нашите влажни сни, и никако да забележиме дека за овие 35 години, колку што копнееме по неа, таа, ако и не се престори во својата спротивност, а она цврсто оди по тој пат. Тоа е исто како земјата кандидат да тргнала кон Европа на крајот од 19 век, кога цутеше културата и науката на европското тло и кога се оформуваа научните, филозофските и идејните контури на напредните општества од следниот век, но патничката пристигала на целта, на западот од Европа некаде во 1916 година, кога таа станала сцена на најголемото воено клање во дотогашната историја, и никако да забележи дека нешто во стварноста не се совпаѓа со нејзините сништа.
Но, како и обично, јас заталкав настрана од темата, а таа е скаска за нашата аутоимуна или канцерозна, што и да е, смртоносна врмрома. Таа се храни и расте од сите ретроградни процеси што деновиве ја растргаат Европа, и од сите конструктивни компромиси што државотворните влади на СДСМ ги направија за меѓународното признавање на државата и за влегување во заштитниот чадор на НАТО и ЕУ. Вмромата пупи ко квасец од непринципиелните услови што Европа ги поставуваше пред младата кандидатка за членство во машките клубови на НАТО и ЕУ. Бугарското вето му донесе на вмровскиот канцер апсолутно мнозинство во собранието, и се разбира апсолутна власт на партијата што ја репрезентира древната палеолитска цивилизација Македоња Вечна.
Најрационално што вемерето може да го направи е да ја расчепкува бесконечно македонската идентитетска рана, комплексот на помала вредност и спората мисла, зашто колку подолго стои таа пречка пред нашето затскривање под европската стреа, толку подолго и толку поцврсто тие ќе ја држат власта. Кој може да им прекаже тука нешто?
(Авторот е архитект и универзитетски професор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


