Пензиите се прашање на иднината, не само на староста
Пензискиот систем најчесто станува тема на јавни расправи кога се зборува за ново усогласување или „покачување“. Но многу поретко се отвора суштинското прашање: кој и како ќе го носи товарот на пензискиот систем во иднина и дали сегашниот модел има доволно сила и стабилност да ги издржи генерациите што допрва доаѓаат.
Препорачано
Денес веќе никој сериозен набљудувач не може да го игнорира континуираното влошување на односот меѓу бројот на вработени и бројот на пензионери. Тоа не е само статистички податок, туку реалност што директно влијае врз стабилноста на првиот пензиски столб, кој и понатаму останува главен носител на пензискиот систем. Колку е помал бројот на активни уплатувачи, толку е поголем притисокот врз Фондот за пензиско осигурување и толку е поголема зависноста од буџетски трансфери и дополнителни интервенции на државата.
Но проблемот не е само финансиски. Тој е многу подлабок и поврзан со довербата на луѓето во сопствената иднина.
Млад човек денес сака однапред да знае дали системот во кој вложува ќе постои и утре, дали правилата ќе бидат јасни и стабилни и дали неговата пензија е резултат на однапред познат и сигурен модел или нешто што ќе зависи од идни политички и економски околности. Никој не сака староста да ја дочекува како „лет во непознато“, „движење без компас“ или „гуски во магла“. Токму затоа прашањето за пензиите не смее да остане само прашање на сегашните пензионери. Денешните вработени се идни пензионери, а младите генерации имаат право уште денес да учествуваат во создавањето на системот во кој еден ден ќе стареат.
Затоа можеби е време пензискиот систем да почнеме да го гледаме не само како трошок што државата треба тековно да го покрива, туку како долгорочна национална стратегија што мора да создава стабилност, доверба и предвидливост.
Ако сакаме стабилен прв пензиски столб, тогаш најсилната и најдолгорочна мерка не е само дополнување на фондот со буџетски средства, туку создавање нови активни уплатувачи. Тоа значи отворање нови работни места, особено во реалниот сектор, поддршка на домашното производство и создавање економија што ќе може да ги задржи младите луѓе и да им даде причина својата иднина да ја гледаат во сопствената држава.
Без нови вработувања и без стабилен реален сектор, ниту еден пензиски модел не може долгорочно да биде сигурен. Во таа насока потребно е да се отвори и поширока јавна дебата околу можноста дел од постојните јавни приходи да добијат појасна и строго наменска улога во стабилизацијата на пензискиот систем. На пример, дали дел од сегашниот данок на личен доход во иднина би можел законски да се поврзе со финансирањето на првиот пензиски столб, не како привремена интервенција, туку како дел од долгорочна стратегија за одржливост на пензиите.
Секако, ниту едно решение само по себе нема магично да го реши проблемот. Но токму затоа ова прашање не треба да се сведува на дневнополитички ветувања или на краткорочни мерки што ќе траат до следниот изборен циклус.
Пензискиот систем не се гради со импровизации. Тој мора да се гради постепено, низ процес на долгорочна стратегија, етапни приспособувања и создавање стабилна законска рамка што нема суштински да зависи од тоа која политичка гарнитура моментално е на власт. Бидејќи сигурноста на староста не смее да биде партиско прашање, туку трајна државна обврска.
Ниту една сериозна пензиска реформа не може да биде дело на еден мандат или една влада. Таа мора да биде резултат на долгорочна стратегија, широка јавна расправа и постепено создавање доверба меѓу генерациите. Затоа ова не треба да се доживува како критика без решение, туку како иницијатива за отворање поширока јавна расправа во која ќе се вклучат економисти, институции, пензионерски организации, синдикати, млади луѓе и сите граѓани што разбираат дека иднината на пензиите е прашање на иднината на државата. Бидејќи пензијата не смее да биде ниту неизвесност ниту страв. Не смее да биде „лет во непознато“.
Пензијата треба да биде однапред разбирлив и предвидлив период од животот, создаден врз јасни правила, стабилна економија и доверба дека државата има долгорочна стратегија за генерациите што работеле, придонесувале и ја граделе нејзината иднина.
Општество што навреме размислува за пензиите не се подготвува само за староста, туку и за сопствената стабилност, доверба и иднина.
Можеби најголемата грешка на секое општество е кога за пензиите размислува со логиката: „уште е рано“. Затоа што кога проблемите ќе станат очигледни, тогаш најчесто веќе е „доцна за паметување“.
Затоа пензиите не се прашање само на староста, туку прашање на иднината и заедничка одговорност на сите генерации.
(Авторот е дипломиран економист во пензија)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


