ВИДЕО | Голи велосипедисти возеа на улиците на Брисел — бараат побезбедни улици
Околу 150 голи велосипедисти учествуваа на дваесеттото издание на манифестацијата „Циклонудиста“ во Брисел, испраќајќи пораки за поголема безбедност во сообраќајот, борба против климатските промени, подобро јавно здравје и прифаќање на различностите во изгледот на човечкото тело, објави објави Фламанската радиотелевизија (VRT), пренесува „Еуроњуз“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според организаторите, учесниците возат без облека за симболично да ја прикажат ранливоста на велосипедистите во градскиот сообраќај. Тие посочуваат дека и покрај напредокот во развојот на велосипедската инфраструктура во белгискиот главен град, сè уште постојат бројни ризични делови од градот кои ги обесхрабруваат граѓаните почесто да користат велосипед наместо автомобил.
View this post on Instagram
Учесниците тргнаа околу 15 часот од Европскиот кварт, а маршрутата продолжи преку Паркот Жибел и кружниот тек Шуман кон центарот на градот. Потоа колоната помина покрај плоштадот Света Катерина, статуата Манекен Пис и плоштадот Саблон.
Организаторите нагласуваат дека патниот сообраќај останува единствениот сектор во кој емисиите на штетни гасови бележат раст од 1990 година наваму. Според податоците на Европската агенција за животна средина, тие се зголемиле за 33,5 проценти.
Воедно, тие потсетуваат дека 59 проценти од жителите на Белгија и натаму користат автомобил и за патувања пократки од пет километри, иако велосипедот претставува практична и поздрава алтернатива.
View this post on Instagram
Повикајќи се на податоци од белгискиот Институт за безбедност во сообраќајот „Виас“, организаторите наведуваат дека доколку секој петти жител на Белгија секојдневно вози велосипед само десет минути подолго, годишно би можеле да се спречат околу 210 предвремени смртни случаи. Истовремено, емисиите на јаглерод диоксид би се намалиле за речиси 25.000 тони годишно.
Еден од организаторите, Жером, истакна дека настанот има и поширока општествена порака, односно промовирање на прифаќањето на природниот изглед на човечкото тело.
„Социјалните мрежи претставуваат проблем за мнозинството луѓе кои не се препознаваат во лицата што постојано ги гледаат. Многу е важно да се гледаат нормални, природни тела“, изјави тој.
Организаторите порачаа дека преку оваа необична манифестација сакаат да поттикнат поголемо внимание кон велосипедистите, подобра урбана инфраструктура и поодржлив начин на живот со помало загадување и поголема грижа за здравјето на граѓаните.


