По пет години повторно се отвора Свети Стефан — комплет лежалки на Кралската плажа ќе чини 240 евра
По цели пет години пауза, легендарниот град-хотел Свети Стефан од 1 јули повторно ќе ги отвори вратите за гостите и повторно ќе се најде на светската туристичка мапа.
Препорачано
Од компанијата „Адриатик пропертис“, која управува со комплексот, потврдија дека сите подготовки за отворањето се завршени и дека гостите ќе можат да уживаат и во двата престижни ресторани – „Зума“ и „Намос“, познати светски брендови во областа на луксузната гастрономија.
Од компанијата истакнуваат дека хотелот „Аман Свети Стефан“ моментално е на првото место според бројот на резервации меѓу сите хотели од синџирот „Аман“ во светот.
Во меѓувреме, вилата „Милочер“, која ги прими првите гости уште на 22 мај, речиси е целосно распродадена, а на располагање на посетителите е и големиот спа-центар на Краличината плажа.
Со повторното отворање на комплексот, во функција се ставени и плажите. Според договорот со Владата на Црна Гора, Краличината плажа ќе биде резервирана за хотелските гости од 8 до 20 часот, додека дел од Кралската плажа ќе биде достапен за локалното население.
Цените, сепак, привлекоа големо внимание. Изнајмувањето комплет од две лежалки и чадор за сонце на Кралската плажа ќе чини 240 евра дневно, со вклучена услуга. На западната светистефанска плажа цената за истата услуга ќе изнесува 220 евра.
Повторното отворање на Свети Стефан доаѓа откако Владата на Црна Гора го усвои предлогот за спогодба со закупецот, со цел да се избегне потенцијална штета поголема од 100 милиони евра и да се овозможи обновување на работата на комплексот.
Сепак, отворањето не помина без контроверзии. Повторното поставување капија кај Краличината плажа предизвика незадоволство кај дел од локалното население. Советот на Месната заедница Свети Стефан поднесе кривична пријава против закупецот и надлежните институции, тврдејќи дека со ограничувањето на пристапот до шеталиштето се прекршува правото на слободно движење и не се почитува претходна судска одлука.
Историјата на Свети Стефан започнува како рибарско село и средновековно утврдување, а во 1960 година е претворен во луксузен град-хотел. Само четири години подоцна американското списание „Лајф“ го вброило меѓу десетте најексклузивни хотели во светот.
Во текот на децениите Свети Стефан стана симбол на луксузот на Јадранот и омилена дестинација на светскиот џет-сет, бројни државници и познати личности. На 13 јули годинава, овој уникатен хотелски комплекс ќе прослави 66 години од своето постоење.


