Мими, најстарото шимпанзо во Скопје ЗОО / Фото: Принтскрин / Skopje ZOO / Зоолошка градина Скопје

ВИДЕО | Баба Мими дипли ќебиња — најстарото шимпанзо во скопската зоолошка ужива во омилената разонода

Баба Мими, најстарото шимпанзо во скопската зоолошка градина, знае како да го исполни своето време со најразлични активности.

Во видеото кое Зоолошката градина во Скопје го сподели на својот фејсбук-профил може да видиме како баба Мими ужива додека дипли ќебиња во своето живеалиште.

Таа секојдневно се грижи за просторот во кој го поминува времето и со големо внимание ги реди ќебињата и јорганчињата, за да си создаде свое удобно место за релаксација.

– Баба Мими, нашето највозрасно шимпанзо во Скопје ЗОО, покрај тоа што обожава внимателно да мириса цвеќиња, има уште една омилена занимација, уредување на нејзиното катче за одмор. Таа со големо внимание си ги реди ќебињата и јорганчињата, ги мести баш како што и одговара и си создава свое топло и удобно место за релаксација по нејзин мерак. Доколку имате дома ќебенца кои не ви се потребни, секогаш може да ги донесете како подарок за нашата Мимушка – пишува во објавата на зоолошката.

Иако Мими е во своите пензионерски денови, таа не пропушта да го прави она што ја одмора и ѝ пружа заздоволство.

Патем, како што раскажуваат од скопската зоолошка, Мими е родена во 1962 година. Таа била грабната од дивина, а потоа живеела и настапувала во циркус. Кога поради здравствени причини повеќе не можела да настапува, била продадена на жена во Германија која имала цвеќарница. Токму од тој период и останала и нејзината посебна љубов кон цвеќињата и растенијата.

Подоцна, Мими била чувана во приватни услови. Кон крајот на 2014 година, таа заедно со уште едно шимпанзо била спасена и пренесена во специјализиран центар во Холандија, каде што имала ветеринарна грижа, сигурност и време за опоравување.

По периодот на рехабилитација, во јули 2019 година Мими пристигна во скопската зоолошка, а во моментов таа е едно од најстарите шимпанза на светот.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Најстарото шимпанзо во светот „пензионерката“ Мими живее во ЗОО Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот