Принцот Хари се соочи со британскиот таблоид, има и познати сојузници: „Ни ги уништија животите!“
Принцот Хари, Елтон Џон и уште пет јавни личности биле жртви на масовно хакирање телефони и други незаконски дејствија од страна на моќниот британски, конзервативно ориентиран весник „Дејли мејл“, во кои, според тврдењата, учествувале членови на управниот одбор, уредници и дел од новинарите. Ова денеска го изјави адвокатот што ги застапува пред суд.
Препорачано
Британското кралско семејство и другите тужители ја обвинија издавачката куќа „Асошиејтед њуспејперс“ за незаконско однесување во периодот од 1993 до 2011 година, но и по тој период, во еден од најзначајните граѓански судски процеси во Велика Британија во последните неколку години. Од компанијата ги отфрлаат обвинувањата и ги нарекуваат дел од координирана завера против печатот.
Во текот на девет недели, правниот тим што ги застапува Хари, Елтон Џон и другите тужители, меѓу кои се сопругот на Џон, Дејвид Фарниш, актерките Лиз Харли и Сејди Фрост, активистката и борец против расизмот Дорин Лоренс и поранешниот пратеник Сајмон Хјуз, пред суд ќе тврди дека материјалите за нив биле противзаконски прибавени од приватни истражители ангажирани од весникот. Нивниот адвокат Дејвид Шерборн изјави дека се работело за хакирање на говорни пораки, прислушување на фиксни телефони и прибавување приватни информации со измама.
„Нема сомнеж дека и новинарите и раководителите на ‘Дејли мејл’ биле ангажирани или биле соучесници во противзаконското прибирање информации, кое уништи животи на бројни луѓе“, наведува Шерборн во документите објавени на почетокот на судењето пред Високиот суд во Лондон.
Хари, кој и претходно ги обвинуваше новинарите за смртта на неговата мајка во сообраќајната несреќа во Париз во 1997 година, кога нејзиното возило било следено од папараци, седеше во судницата зад своите адвокати, заедно со Фрост и Хјуз.
Во изјава наведена во судските поднесоци, Хари, чиј случај се темели на 14 објавени новински написи, тврди дека дејствувањето било „застрашувачко“ за неговите блиски и сакани, создавајќи „огромен притисок“ врз нивните лични односи.
Тој во својот исказ напиша дека е „вознемирувачко чувството дека секое мое движење, мисла или емоција се следи и надгледува само за весникот да заработи“. Од „Асошиејтед њуспејперс“ ги негираат незаконските постапки и тврдат дека тужбите требало да бидат поднесени многу порано.
Одлуките на судијата Метју Никлин не само што би можеле сериозно да го нарушат угледот на весникот, туку ќе донесат и пресуда за судските трошоци, кои се проценуваат на десетици милиони долари.
За Хари, ова претставува завршна фаза од неговата правна војна против британските таблоиди. Тој претходно изјави дека неговата цел е да спроведе „чистка“ во медиумите и да ги повика на одговорност сите што се на високи позиции.
Тој веќе успешно ја тужеше медиумската група „Мирор груп њуспејперс“. Во 2023 година, Високиот суд на Обединетото Кралство пресуди во негова корист, утврдувајќи дека бил жртва на „екстензивно“ хакирање на телефони, по што му беше досудена отштета од околу 180.000 долари.
Во јануари 2025 година, Хари оствари уште една победа, овојпат против медиумската групација на Руперт Мердок, откако издавачот постигна спогодба со неговите адвокати и првпат призна одговорност за незаконските постапки на својот таблоид, со обврска да му исплати значителна отштета.


