Тино Костадиновски се отвори за личниот живот: Емотивен сум и тоа се смета за слабост
За една своја особина која ретко ја покажува во јавноста, се отвори актерот Тино Костадиновски. Познатиот комичар гостуваше во емисијата „Вечер по осум“, каде во опуштена атмосфера зборуваше за своите лични карактеристики, за глумата во приватниот живот, како и за општествените стигми со кои се соочуваат мажите кога станува збор за емоциите.
На прашањето на водителот Миро Кацаров за тоа која особина најмногу ја глуми во реалниот живот, Тино искрено се отвори и призна дека честопати се обидува да скрие колку е всушност чувствителен.
Препорачано
„Во реалниот живот, можеби глумам онаков неемотивен. Јас сум поемотивен отколку што се претставувам. Но, не е некако на сила, туку веројатно ако подразмислиш повнатре да влезеш, веројатно е поради тоа што сѐ уште се смета за слабпст. Јас сум растел во некое такво време, во маало емотивноста се сметала за слабост, ако се сеќаваш.“
Водителот се согласи со неговата констатација, на што Тино додаде дека времињата сепак се менуваат и дека денес општеството има поинаков поглед на овие нешта:
„Да, добро, ама тоа такво беше некое време. Сега можеби и модерно е“, рече актерот. Во една прилика, за „Слободен печат“, тој зборуваше за приватниот живот.
„Кога имам време сакам да готвам, за повеќе луѓе со седенка, потоа со муабети, со вино. Тоа мажи, жени во кујна, нема многу врска. Или имаш осет или не, исто како со паралелно паркирање кола. Или имаш осет или не“, рече актерот.
Тој додаде дека понекогаш нема многу време за личниот живот.
„Сè некако во последно време ми е поврзано со работата, искрено во моментов тоа ме прави среќен, работата. Нема ништо поубаво за еден актер да го оставиш да твори, да создава и да креира“, изјави Тино Костадиновски.


