Во катните гаражи „Беко“ и „26 Јули“ не работи ниту еден лифт, граѓаните одат пеш и до седми кат
Со оглед на фактот дека не станува збор за стари објекти, прашање е како се дозволило осумте лифта да се доведат во толку лоша состојба да не функционира ниеден од нив.
Со месеци не работи ниту еден лифт во катните гаражи „Беко“ и „26 Јули“ што се наоѓаат во центарот на градот и се многу користени од граѓаните. Но, услугата што моментално се нуди е само паркирање, а потоа откако ќе се паркира возилото или за да се земе, скопјани се принудени да се симнуваат и да се качуваат по скали. Тоа навидум и не изгледа како голем проблем ако се изуми податокот дека честопати станува збор за семејства со деца, мајки со колички, постари луѓе.
Препорачано
Од ЈП „Градски паркинг“ нема одговор што се случува со лифтовите и зошто не е оспособен барем по еден во секоја катна гаража, од вкупно осум колку што ги има во двете.
Од претпријатието дури пред две недели информираа дека лифтовите не се во функција поради технички причини.

Претпријатието ги презеде сите неопходни мерки и активности за отстранување на настанатиот проблем и за повторно ставање во употреба на лифтовите во најкус можен рок. Им се извинуваме на сите корисници за настанатите непријатности и ви благодариме за разбирањето и трпението. За повторното ставање во функција на лифтовите, јавноста и корисниците ќе бидат навремено известени – информираше на 9 јуни на својата веб-страница ЈП „Градски паркинг“.
Цените за паркирање во овие катни гаражи се 30 денари на час, што значи дека се прилично поволни за оставање возило во строгиот центар на градот, каде што е тешко каде било да се најде слободно паркинг-место. Но, сега за многумина проблемот со лифтовите стана непремостлив.
Се паркирам во гаражата двапати дневно, кога го носам детето во градинка и кога го земам, затоа што друга алтернатива немам каде да го оставам автомобилот. Ова со лифтовите ми е голем проблем, затоа што кога не можам да најдам место на подолните катови, морам од петти или шести да се симнувам со детето в раце, со ранец и со сѐ. Количка веќе не можам да користам затоа што немам како да ја симнам. Навистина не ми е јасно како е можно ова со месеци да трае и како е можно сите лифтови да се расипат во исто време – прашува скопјанка што редовно ја користи катната гаража „Беко“.

„Градски паркинг“ во изминатиов период имал повеќе јавни повици за технички преглед на лифтовите, за набавка на резервни делови, па дури и за набавка на два нови лифта. Повеќето од огласите потоа се поништени. На Електронскиот систем за јавни набавки не е наведено зошто се поништени огласите, дали никој не се пријавил или, пак, тие што се пријавиле не ги исполнувале условите.
Така, на пример, на 28 ноември минатата година е донесена одлука за поништување на постапката за набавка на нови лифтови, а на 7 мај е поништен огласот за набавка на резервни делови, сервисирање и одржување на лифтови во катните гаражи.
Внимавајте, во сите зони на „Градски паркинг“ од денеска се плаќа до 23 часот!
На 19 јуни е донесена одлука да се избере Друштвото за услуги Институт за техничко испитување и безбедносен инженеринг од Скопје за најповолен понудувач, на јавниот повик што е по третпат објавен по претходно два поништени за периодичен технички преглед на лифтови. Договорот сѐ уште не е склучен затоа што законски тече периодот на жалби.
Според наведениот јавен повик, со техничкиот преглед треба да бидат опфатени четири лифта во катната гаража „Беко“ и уште толку во „26 Јули“.
Катната гаража „26 Јули“ е изградена во 2013 година во рамките на проектот „Скопје 2014“. Лоцирана е на местото на стариот цветен пазар и располага со 445 паркинг-места.
Гаражата „Беко“ е две години понова, пуштена е во употреба во 2015 година и располага со вкупно 605 паркинг места за возила. Во неа паркирањето се одвива на шест катa над земја и два на подземно ниво. На приземјето и на првиот кат се предвидени деловни простории, а другите катови се наменети за паркирање.
Со оглед дека не станува збор за стари објекти прашање е како се дозволило осумте лифта да се доведат во толку лоша состојба за да не функционира ниту еден од нив.
Но, ова не се случува само во овие катни гаражи каде граѓаните уредно плаќаат за паркирање. Во катната гаража „Разловечко востание“ лоцирана веднаш зад ГТЦ, за чија состојба повеќепати сме пишувале, никој не памети кога последен пат работеле лифтовите.
Во овој објект со кој управува Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за републиката ( поранешен ПУИГ), каде што цената за паркирање и од час и на месечно ниво е двојно повисока од гаражите на „Градски паркинг“ не само што не работат лифтовите, туку не можат да се употребуваат ниту скалите што се во темница, нечисти и смрдливи.
Оние што ги користат се принудени да се симнуваат по патеката за возила, постојано ризикувајќи ја сопствената безбедност.


