„Градски паркинг“ исцртува во Ново Лисиче, граѓаните негодуваат: Зонското ќе го намали или ќе го зголеми проблемот со паркирањето?
Од ЈП „Градски паркинг“ велат дека сите подготвителни активности се во согласност со сообраќаен проект изработен од Општина Аеродром и одобрен од СВР Скопје.
Во Ново Лисиче во тек е исцртување на паркинг-места како дел од активностите за воведување зонско паркирање во оваа населба. Штом заврши обележувањето и поставувањето на информативните табли, зонското истовремено ќе се воведе и во Ново Лисиче и во Реонски центар, населби кои имаат исклучително сериозен проблем со паркирањето.
Препорачано
Колку воведувањето на зоната Д, која ќе овозможи бесплатно паркирање за жителите и наплата од 25 денари за час за гостите, ќе го олесни наоѓањето на слободно паркинг место е друго прашање, особено што со зонското не се овозможуваат нови површини за паркирање туку само се обележуваат места на постоечките.
Она пак, што сериозно ги загрижува жителите на Ново Лисиче е стравувањето дека со начинот на кој екипите на „Градски паркинг“, претпријатие кое ќе стопанисува со зоната, се обележуваат местата за паркирање, не само што нема да се олесни туку и ќе се влоши проблемот, поради тоа што местата се обележуваат право, а не накосо.
Граѓани реагираат дека честопати поради метежот со паркирање, автомобили се паркираат и на средината од улиците и доколку местата од двете страни не се косо обележани, ова во иднина ќе биде невозможно.
Некои пак имаат забелешки затоа што на улици каде досега се паркирале возила од двете страни, сега се исцртани места само од едната.
Со која логика на слеп паркинг направивте двонасочна слепа улица. Станарите се тепаат за паркинг-место, а вие им ги тргнавте од десната страна. Ова се случува во Ново Лисиче кај полициската станица што се гради, позади зградите 21 и 23 на улица Видое Смилевски Бато. Ве молам итно да се реагира за да се направат паркинг-места и од десната страна – апелира жител до „Градски паркинг“.
Граѓани прашуваат и дали пред да се започне со проектот воведување зонско паркирање се истражило колку возила има во населбата, а колку паркинг-места.
Секогаш ќе разберам за проблем што постои и треба да се најде решение, ама не секогаш проблемот е кај тие што паркират. Зошто не се утврди колку возила има во општината и колку паркинг-места има? Да не зборам кога некој сака да дојде на гости, па службени возила. Од Општината бараш решение, а всушност тие го прават проблемот, зошто не овозможиле паркинг-места, а се направиле 100 згради без план и за паркови и за сѐ останато – коментира жител на фејсбук-групата „Општина Аеродром – пријави проблем“.
Но, од ЈП „Градски паркинг“ велат дека сите подготвителни активности се во согласност со сообраќаен проект.
За да се пристапи кон бележење на паркинг-места на една јавна површина потребно е да се изработи сообраќаен проект од страна на општината. Во конкретниот случај, изработен е сообраќаен проект од страна на Општина Аеродром и истиот е усвоен од СВР Скопје, по што е пристапено кон бележење. Исто така, истакнуваме дека сообраќајниот проект е изработен од сообраќајни инженери согласно сите пропишани стандарди – тврдат од претпријатието за „Слободен печат“.
Сепак, се чини дека најголем проблем при воведувањето на зонското, не само во случајот на Аеродром, туку и кога се воведуваше во Карпош е тоа што за проблемот што ги измачува граѓаните, најмалку се прашуваат – токму тие.


