Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Радев: Македонија треба само да ги впише Бугарите во Уставот за да ги почне преговорите со ЕУ

Северна Македонија единствено треба да ги впише Бугарите во Уставот, за да почне преговори со ЕУ, изјави денеска бугарскиот премиер Румен Радев пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржува во црногорскиот град Тиват, објави „Дојче веле“.

„Подготвени сме да ѝ помогнеме на секоја земја што аплицира за членство, особено на нашите браќа од Северна Македонија. Чекаме тие конечно да ја исполнат преговарачката рамка. Имаме консензус од јули 2024 година и чекаме тие конечно да го изменат Уставот и да ги вклучат Бугарите во него. Многу е едноставно. Потребно е да го направат само овој чекор за да се отвори вратата за преговарачкиот процес“, рече Радев.

На Самитот ЕУ – Западен Балкан, под мотото „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, главна тема ќе биде проширувањето на Унијата.

Со собирот претседава претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, кој претходно ги посети земјите од регионот, додека домаќин е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. На Самитот ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Метсола.

Франција и Германија, на Самитот презентираат „нон пејпер“ во кој се предлага постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправното членство. Европската комисија е повикана да подготви предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите кандидати во Европската Унија, вклучително и привилегиран пристап до единствениот европски пазар врз основа на нивниот напредок во пристапните преговори и поцврсти врски со европските институции во секојдневниот процес на одлучување – се наведува во француско-германскиот нон пејпер.

Во документот со наслов „Нов поттик за проширувањето во пресрет на самитот ЕУ – Западен Балкан (5 јуни 2026) и самитот ЕУ – Молдавија (22 јуни 2026)“, се оценува дека „проширувањето останува една од најпривлечните понуди и највлијателни политички алатки што ги поседува Унијата“.

Франција и Германија туркаат иницијатива за „постепена интеграција“ на Западен Балкан во ЕУ

Германскиот канцелар Фридрих Мерц упати критики кон процесот на проширување на Европската Унија.

„Ако веќе 13 години не сме примиле нови членки, тоа покажува дека пропустите не се само кај кандидатите, туку и на страната на Европската Унија. Европската Унија мора да покаже дека е способна и подготвена за проширување“, изјави Мерц пред средбата во Тиват.

Мерц нагласи дека е „охрабрен од разговорите утринава“, и според него, некои земји членки „веќе се подготвени“ за започнување на преговорите, особено земјата домаќин Црна Гора.

Мицкоски се сретна со Макрон и со Мерц, разговарале за регионот и за европските перспективи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот