Предлогот на Франција и на Германија е искрен и реален, Македонија треба да го прифати, вели Милошоски
И, доколку биде потврдено како понуда, официјално од страна на Европската Унија, моето лично мислење е дека Македонија би требало кон таа понуда да пристапи позитивно и да влезе во разговори за фазно интегрирање кон Европската Унија. Се разбира, како еден преоден период до полноправно членство, кога за тоа ќе се создадат политички услови во самата Европска Унија“ рече Милошоски.
Потпретседателот на Собранието и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски вели дека предлогот на Франција и на Германија за проширување на ЕУ, без полноправно членство, е искрен и реален.
Препорачано
Тој вели дека предлогот нуди една опција на што повеќе интегрирање, но, исто така, „забележливо е дека нуди членство кое не би било полноправно, барем не во овој момент“.
Франција и Германија туркаат иницијатива за „постепена интеграција“ на Западен Балкан во ЕУ
„Може на некого тоа да му се допаѓа или да не му се допаѓа, но ја цениме искреноста и на Франција и на Германија што ја соопштија реалната состојба внатре во Европската Унија, којашто трае можеби во последниве 7-8 години. Дека апетитот за нови полноправни членки со целосни права и обврски (право на вето, гласање и слично) не е толку голем како што бил пред 13 или 15 години. Но, од друга страна, не нудат статус кво, туку нудат фазна интеграција на земјите во одредени сектори, зависно од исполнетите стандарди“ изјави Милошоски од Конференцијата на КОСАП – Конференција на парламентарните комисии за европска интеграција/прашања на земјите учеснички во процесот на стабилизација и асоцијација во Југоисточна Европа што денеска се одржува во Струга.
Според Милошоски, очекувањата се дека токму оваа тема ќе биде предмет на сериозна дебата денеска на Самитот за Западен Балкан во Тиват. Тој вели дека Македонија треба да ја прифати понудата ако ѝ биде официјално понудена.
„И, доколку биде потврдено како понуда, официјално од страна на Европската Унија, моето лично мислење е дека Македонија би требало кон таа понуда да пристапи позитивно и да влезе во разговори за фазно интегрирање кон Европската Унија. Се разбира, како еден преоден период до полноправно членство, кога за тоа ќе се создадат политички услови во самата Европска Унија“ рече Милошоски.
На новинарско прашање дали ние би можеле да влеземе во ЕУ заедно со земјите за кои се најавува дека најбрзо би биле дел од неа, тој смета дека според неофицијалните информации Црна Гора би можела да биде единствената земја од регионот која би имала шанса да стане членка на Унијата до 2030 година и можеби Исланд доколку тамошните граѓани се изјаснат за тоа на рефендумот.
„За Албанија, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија, Украина, Турција и другите земји, веројатно ќе важи оваа понуда за постепено интеграција во одредени сектори на Европската Унија, зависно од исполнетите стандарди“, рече Милошоски.
Мицкоски се сретна со Макрон и со Мерц, разговарале за регионот и за европските перспективи


