Вештачката интелигенција може да помогне во здравството, но не и да ги замени лекарите, вели Алиу
Министерот за здравство Азир Алиу смета дека малите држави можат да бидат лидери во примената на иновативни и дигитални решенија во здравствените системи и покрај ограничените ресурси и предизвиците со кои се соочуваат.
Препорачано
Алиу учествува на дванаесеттиот состанок на високо ниво на Иницијативата за мали земји на Светската здравствена организација, што се одржува во Рига. На панелот посветен на дигиталната технологија и вештачката интелигенција, Алиу порача дека вештачката интелигенција може значително да помогне во модернизацијата на здравството, но не смее да ја замени човечката одговорност и професионалната проценка на здравствените работници.
„Малите земји не секогаш имаат најголеми ресурси, но можат да имаат најбрза адаптација, најдобра координација и најсилна политичка волја за промени. Нашата цел е да изградиме здравствен систем кој подобро го користи знаењето на здравствените работници, го намалува административниот товар и им овозможува повеќе време за пациентите“, посочи Алиу.
Тој нагласи дека дигитализацијата не претставува само технолошка модернизација, туку средство за подобра организација на здравствениот систем и поквалитетна грижа за пациентите.
Главна тема на дводневниот собир во Рига е како малите европски држави да создадат одржливи и иновативни решенија за здравствените системи во услови на недостиг на кадар, стареење на населението и зголемени потреби на пациентите.


