Со помош на вештачка интелигенција создадена е првата вакцина во светот што би можела да спречи идни пандемии
Истражувачите од Кембриџ велат дека ова е првпат клучна компонента на вакцина да биде целосно дизајнирана од ВИ, а потоа тестирана на луѓе.
Вештачката интелигенција (ВИ) е искористена за развој на тип на вакцина која би можела да заштити од широк спектар на вируси и да спречи идни пандемии. Вакцината е конструирана да делува против сите коронавируси, што ги вклучува сите варијанти на Ковид, но и вирусите кои ги инфицираат животните, а кои би можеле да ја започнат следната глобална криза, пишува „Би-би-си“.
Препорачано
Иако работата е сè уште во рана фаза, тимот веќе развива посебни вакцини кои би можеле да се справат со грипот и со Ебола.
„Ние секогаш доцниме и во „битка“ сме со вирусот бидејќи тој брзо мутира. Она што се обидуваме да го направиме со ВИ е да бидеме чекор пред него, за да можеме однапред да се заштитиме од нови пандемии“,вели професорот Џонатан Хини од Универзитетот во Кембриџ.

Како функционира технологијата?
Вообичаено, вакцините се дизајнираат со користење на моментално актуелниот сој на одреден вирус. Наспроти тоа, истражувачите од Кембриџ земале познати генетски кодови од палета на коронавируси регистрирани ширум светот и ги внеле во систем на вештачка интелигенција.
ВИ ги анализирала податоците и дизајнирала „супер-антиген“, клучна компонента која го учи имунолошкиот систем како да напаѓа. Овој „супер-антиген“ е создаден да му обезбеди на телото заштита од целото семејство вируси, дури и ако тие во иднина мутираат или преминат од животните на луѓето.
Професорот Хини изјави дека ова е првпат ваков антиген да биде тестиран на луѓе.
„Ова е фундаментална промена во начинот на кој се подготвуваме за пандемии“, додава тој.

Првите тестови се успешни
Првите тестирања, спроведени на 39 лица, потврдија дека вакцината е безбедна. Следната студија, која ќе вклучи околу 200 луѓе, треба да даде појасна слика за тоа колку добро се тренира имунолошкиот систем. Наодите објавени во научното списание „Journal of Infection“ веќе предизвикаа голем ентузијазам во научната јавност.
Професорот Саул Фауст од Универзитетот во Саутемптон потврди дека овој ВИ-дизајн „дефинитивно има потенцијал“ и дека е исклучително корисен во моменти кога вирусите брзо се менуваат.

Идни планови за грип и Ебола
Тимот од Кембриџ веќе врши истражувања на животни за универзални сезонски вакцини против грип кои нема да имаат потреба да се менуваат секоја година, како и за вакцина против птичји грип (H5N1). Исто така, се работи и на вакцина за вирусни хеморагични трески, кои ги вклучуваат видовите на Ебола за кои во моментов нема спас.


