Фото: Профимедиа

Пензионерите ќе им плаќаат до 100 евра годишно за провизии на банките, едно семејство и над 250 евра

Симулацијата што ја направи „Слободен печат“ покажува дека доколку еден пензионер месечно плаќа четири режиски сметки на шалтер, како тие за струја, вода, телефон и интернет со телевизија, само за овие трансакции ќе издвојува 480 денари месечно. Ако се додаде и месечниот надоместок за одржување платежна сметка од 25 до 35 денари, вкупниот трошок достигнува повеќе од 500 денари месечно.

Слушај ја веста

Со новите провизии еден пензионер годишно ќе им плаќа на банките до 100 евра годишно доколку плаќа сметки на шалтер. Семејство, пак, од четири члена, доколку се сите полнолетни, само за водење трансакциска сметка и за електронско банкарство треба да издвои минимални 200 до 250 евра годишно.

Новиот бран поскапувања на банкарските услуги што стапува во сила од август ќе донесе дополнителен удар врз домашните буџети на граѓаните.

Иако на прв поглед дел од зголемувањата изгледаат симболично – пет, десет или дваесет денари повеќе за одредена услуга, кога ќе се соберат сите месечни трошоци, сумите стануваат значително повисоки.

Дополнително ќе бидат погодени и граѓаните што имаат намера од август да земат станбен кредит. За нив, финансиски товар може да надмине и 90.000 денари уште пред да ги добијат клучевите од новиот дом. Зголемувањето на провизиите веќе го најавија две од најголемите банки во земјава, а најголем дел од корекциите се однесуваат на услугите што граѓаните секојдневно ги користат, како плаќање сметки, одржување трансакциски и девизни сметки, дигитално банкарство, меѓународни трансфери и кредитни услуги.

Најголемиот процентуален скок е кај плаќањето режиски сметки во готово на шалтер. Провизијата се зголемува од 90 на 120 денари по трансакција, што претставува раст од над 33 отсто. Оваа промена најдиректно ги погодува пензионерите и повозрасните граѓани што сè уште најчесто ги плаќаат сметките на традиционален начин.
Доколку еден пензионер месечно плаќа четири режиски сметки на шалтер, како тие за струја, вода, телефон и интернет со телевизија, само за овие трансакции ќе треба да издвојува дополнителни 480 денари месечно.

Ако се додаде и месечниот надоместок за одржување платежна сметка од 25 до 35 денари, вкупниот трошок достигнува повеќе од 500 денари секој месец. На годишно ниво, тоа значи дека ќе биде посиромашен за повеќе од 6.000 денари, сума што за многу пензионери претставува сериозен дел од месечниот буџет. Просечната пензија во земјава се движи околу 26.000 денари, што значи дека банкарските провизии на годишно ниво би можеле да „изедат“ речиси една четвртина од една месечна пензија. А има и пензионери со пониски примања.

 Удар и врз семејниот буџет

Новите ценовници нема да ги погодат само пензионерите. Просечно четиричлено семејство со две плати, кое користи трансакциски сметки, мобилно банкарство, платежни картички и повремено плаќа сметки на шалтер, ќе се соочи со значително повисоки трошоци.

Симулациите кои ги направи „Слободен печат“ покажуваат дека доколку двајца вработени плаќаат месечни надоместоци за сметки и мобилно банкарство, издвојуваат средства за картички и извршуваат неколку шалтерски трансакции месечно, нивниот банкарски трошок може да достигне од 600 до 1.000 денари месечно. На годишно ниво тоа претставува сума меѓу 6.000 и 12.000 денари.

Додатно оптоварување носат и промените што ги воведуваат банките кај девизните услуги. Надоместокот за одржување девизни сметки расте од 30 на 35 денари по валута, а поскапуваат и меѓународните трансфери.

За девизни плаќања преку електронско и мобилно банкарство ќе се наплатува провизија до 0,4 отсто од износот на трансакцијата, додека за т.н. свифт-трансакции се воведуваат и дополнителни фиксни надоместоци. Овие промени особено ќе ги почувствуваат граѓаните што добиваат парични приливи од странство, или работат со странски компании, односно имаат деца што студираат во странство за кои редовно вршат плаќања кон земјите од Европската Унија.

Сепак, најголемата финансиска промена доаѓа кај станбените кредити.

Според новите услови, за субвенционираните станбени кредити се воведува еднократна провизија од еден отсто за клиентите што примаат плата преку банката, односно 1,5 проценти за преостанатите корисници. Тоа значи дека за кредит од 60.000 евра, клиентот ќе треба да плати околу 600 евра провизија, или приближно 37.000 денари само за оваа обврска кон банката. За кредит од 80.000 евра, трошокот ќе достигне околу 49.000 денари, додека за кредит од 100.000 евра ќе изнесува над 61.000 денари.

Провизиите „горат“- за водење на сметка во банка 35 денари месечно, за плаќање сметка на шалтер 50 денари

На најавените поскапувања реагираше и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој изјави дека централната банка е „непријатно изненадена“ од ваквите одлуки на дел од банките. Според него, зголемувањето на провизиите не е во согласност со напорите што институциите ги вложуваат за поевтини и подостапни платежни услуги.

Славески посочи дека ваквите потези не придонесуваат за поголема употреба на електронските плаќања, туку напротив, создаваат дополнителни финансиски бариери за граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот