„Нема сомнеж дека припаѓате во ЕУ, но уставните измени мора да се спроведат“ – Рокас со иста порака како Кошта
Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска изјави дека Европската Унија има голема определба земјата да го почне процесот на преговори и дека нема сомнеж дека припаѓаме на европското семејство, но повикувајќи се на неодамнешната изјава на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дадена во Скопје, рече дека договорените уставни измени од 2022 година треба да бидат спроведени.
Препорачано
Сепак, Рокас изрази надеж дека „нашите соседи заедно со ЕУ ќе бидат доста конструктивни во наредните денови и месеци“.
„Како што знаете, претседателот на Европскиот совет беше овде, тој даде изјава и беше доста јасен. Сите знаеме дека заложбите направени во 2022 година треба да бидат спроведени. Со тоа има голема определба Северна Македонија да го започне процесот на преговори и нема сомнеж дека земјата припаѓа на европското семејство. Работиме доста активно со цел неопходните услови да се исполнат и да одиме напред. Најважно е во меѓувреме да имаме доверба и се надевам дека нашите соседи заедно со Европската Унија ќе бидат доста контруктивни во наредните денови и месеци“ изјави Рокас, за време на паузата на 23. конференција на КОСАП – Конференција на парламентарните комисии за европска интеграција/прашања на земјите учеснички во процесот на стабилизација и асоцијација во Југоисточна Европа – одговарајќи на новинарско прашање дали ЕУ има план Б за земјата имајќи ги предвид ветото од источниот сосед и уставните измени.
Рокас оцени дека главната порака на оваа конференција беше пораката за заедништво дотолку повеќе што таа се одржува истовремено со самитот на Западен Балкан во Тиват, од каде што има големи очекувања, особено имајќи го предвид заедничкото писмо од францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц во однос на тоа како ќе го унапредиме и симплифицираме процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ.
„На денешната конференција сите делегати придонесоа со конкретни идеи, особено во однос на регионалната соработка за заедничкиот регионален пазар и за тоа како земјите од Западен Балкан и придружните земји најдобро да се подготват во однос на заедничкиот пазар на Европската Унија, кој е доста конкуретен. Истовремено, и како да се заврши процесот (на пристапување)“ рече Рокас.
Идентитетот никој не може да ни го пипне, вели Ковачевски: „Францускиот предлог“ е добро решение


