Кошта отворено порача: Клучот за ЕУ е да го исполните договореното во 2022 година
Проширувањето е наша заедничка цел, а иднината на Северна Македонија цврсто припаѓа во Европската Унија, порача попладнево претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Христијан Мицкоски.
Препорачано
Кошта порача дека ЕУ останува најважен партнер на Македонија, а исполнувањето на веќе договореното во 2022 година, односно, на уставните измени, останува следниот чекор кон членство во ЕУ.
„Вашата Влада покажа посветеност и сакам да ги пофалам континуираните напори што ги вложувате. Особено би сакал да го истакнам неодамнешниот опиплив напредок во спроведувањето на реформската агенда кон усвојувањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, што е значајно за пристапниот пат на Северна Македонија, но и за искористување на Планот за раст и пристапувањето. Исто така го поздравувам вашето целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија“, рече Кошта.
Тоа, како што нагласи, испраќа силен сигнал за стратешката ориентација на Северна Македонија и за заедничките вредности што ги споделуваме.
„Но, усвојувањето на договорените уставни измени останува единствен начин за формално почнување на пристапните преговори. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во ЕУ за граѓаните на Северна Македонија, тоа значи Македонците. Единствен начин да се постигне напредок кон европската интеграција е преку конструктивен дијалог со соседите и преземање прагматични чекори за градење доверба и спроведување на неопходните реформи“, изјави Кошта.
Мицкоски го повтори ставот – дека Македонија останува цврсто определена кон европскиот пат и дека не бара привилегии, олеснети правила или нешто што не им припаѓа и на другите, туку принципи, кредибилен и предвидлив процес. Земјава, нагласи Мицкоски, бара процес во кој реформите, трудот, заслугите и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани.
Според Мицкоски, Владата во изминатиот период работеше посветено на реформската агенда и така ќе продолжи. Со Кошта, информира, разговарале за европската иднина, состојбите во регионот, реформите, економијата, владеењето на правото и институционалната трансформација.
На средбата станало збор и за економската интеграција, инфраструктурното поврзување, енергетската сигурност, инвестициите, конкурентноста и за отварање нови перспективи за младите генерации.
Претседателот на Европскиот совет од вчера е во посета на Западен Балкан за да се сретне со лидерите од регионот и да биде копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, на 5 јуни.
Кошта ќе разговара за можностите и предизвиците во врска со проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.


