Сентиќ Габер: Самодовербата не доаѓа пред, туку откако ќе пробаш – затоа ќе студирам на „Колумбија“
„На средношколците што сакаат да студираат во странство би им го кажала токму она што јас не го правев доволно долго: да пробаат, дури и кога не веруваат во себе. Јас не се замислував на „Колумбија“ и сепак еве ме“, вели Сентиќ Габер.
Касија Сентиќ Габер ќе студира политички науки, човекови права и право на Универзитетот „Колумбија“, преку дуална програма по политички науки (Sciences Po). Таа е примена и на други реномирани универзитети, меѓу кои Лондонската школа за економија и политички науки и Универзитетот во Единбург, како и останати универзитети во Велика Британија, Ирска и Германија. Касија е добитничка на целосната стипендија НОВА – Борис Трајковски, а нејзиниот видеоесеј за апликацијата ги освоил сите можни бодови.
Препорачано
Таа за „Слободен печат“ зборува за својот животен и образован пат, но и како вложувала и во себе, и во заедницата – за да може да стигне до стипендијата и студирањето во странство.
Касија, имаш солидна „километража“ кога во прашање се твоите заложби, особено во полето на човековите права, меѓународното право, како и дипломатијата. Но, прво да прашаме како се одлучи за студии во странство и како НОВА ти помогна во оваа одлука?
Една од предностите на НОВА е тоа дека во четврта година учениците имаат советник кој нѐ следи и ни помага да одбереме факултети според нашите интереси и профили. Госпоѓа Филкова е таа која ме охрабри да пробам. Всушност, јас никогаш не се замислував на студии во Америка, секогаш сум се замислувала во Европа, но ете, работите се менуваат. Кога ме примија, не ми се веруваше. Мислам дека понекогаш најважните одлуки во животот не се донесуваат со сигурност, туку со малку храброст и многу неизвесност. НОВА ми даде основа која очигледно ги убедила луѓето на Колумбија дека вредам. Само требаше некој да ме убеди и мене да се пријавам, па затоа сум ѝ бескрајно благодарна.

Зошто го одбра токму Универзитетот „Колумбија“? Веројатно тука улога играа повеќе фактори и критериуми?
Секако. Иако можеби на прва, Колумбија личи како многу очигледна одлука, мојот избор се основаше не само на престижот на универзитетот туку и можностите кои таквата диплома ќе ми ги обезбеди во иднина. Впрочем, Колумбија е еден од ретките универзитети на кои аплицирав каде човекови права се опција за додипломски студии, а мене тоа отсекогаш ми било животен сон. Понатаму, дуалната програма со факултетот „Sciences Po“ (политички науки), како и програмата која ја одбрав за првите две години од студирањето ќе ми овозможат да се впуштам во длабинска анализа на прашањата кои ги засегаат Медитеранот и Блискиот Исток, вклучувајќи ја и нивната интелектуална традиција, вредности, но и глобална маргинализација.
Твојот личен и академски развој во голема мера е обликуван од семејната средина – дедо ти бил дипломат и публицист, додека твојата мајка е во глобална развојна мрежа, претпознатлива по хуманите мисии. Пресудно ли е семејното опкружување, или е потребен и личниот белег?
Несомнено е дека моето семејство имало, и ќе продолжи да има влијание врз мене, но тие никогаш не ме ограничувале или пак се обидувале да го трасираат мојот пат во мое име. Бескрајно сум благодарна за сите можности, но најмногу за поддршката која ми ја пружиле во последниве 18 години. Од мала, на семејните ручеци слушав за политика и економија, па веројатно било неизбежно по природа и мене да ме интригираат овие теми. Но, секогаш кога ме прашувале за дедо ми на пример, не сум го гледала како дипломат туку како човекот со кој сме лепеле сликички од „Животинско царство“ или пак сме ределе марки и како човекот кој ме учеше да бидам трпелива и прецизна. Мислам дека токму тоа е разликата помеѓу семејство кое те ограничува и семејство кое те формира. Моето никогаш не ми рекло „ова треба да бидеш”, туку ми покажа кои вредности вредат, и ми остави простор самата да одлучам што ќе правам со нив.

На училиште не се посвети само на добри оцени, туку и на воншколски активности и помош кон заедницата. Зошто ти беше ова важно?
Мислам дека ако сакаш да го разбереш светот, мораш да вклучиш во него. Оцените ти отвораат врати, но карактерот се гради надвор. Многу е лесно да добиваш супер оценки, но да немаш никаква поширока перспектива. Најголем уддел во ова имаа извидниците, од кои сум дел веќе 10 години во Прв скопски извиднички одред. Со нив, а и низ нив имам пораснато и израснато во онаа која сум. Низ акции за чистење на градот, помагање на улични животни, или организирање активности и работилници со деца без родители или со посебни потреби имам стекнато цврти вредности и комплексни разбирања за глобалното оштество. Сето ова е веќе дел од моето секојдневие, и сум многу горда на тоа.

Освен што беше претседателка на Феминистичкиот клуб во НОВА, каде во соработка со ХЕРА организиравте работилници за сексуално образование за соучениците, воедно иницираше да се воведат бесплатни влошки и тампони во тоалетите на училиштето. Веројатно последново беше дел од личните заложби, заедно со НОВА, да дадете придонес против менструалната сиромаштија?
Иницијативата впрочем беше започната од поранешна ученичка во НОВА, но по нејзиното матурирање проектот не беше продолжен. Мојата заложба се основаше на длабоко вкоренатата стигма која ги опкружува „феминистичките“ прашања во нашето општество. Сепак, кампањата за бесплатни менструални производи во женските тоалети на училиштето е предводена од моето верување дека ваквите производи треба да бидат субвенционирани, евтини и достапни за оние на кои им требаат. Огромен дел од луѓето во нашата средина, особено попривилегираните, ја немаат свесноста за сериозноста на менструалната сиромаштија во нашето општество, но и пошироко. За жал, не успеав да ги зголемам рамките на проектот како што замислував, односно да ја проширам мрежата во други училишта во Скопје, делумно поради недоволно време, но најмногу поради недостаток на средства (не добив грант од ДМ, на пример).
По посетата на Меѓународниот кривичен суд (МКС) и дискусиите за Хашкиот трибунал – дали ти зајакна верувањето во меѓународното право?
Посетата на МКС и дискусиите за трибуналот ми го направија убедувањето покомплексно, но претставуваа и кулминација на моето убедување, ако тоа има смисла. Тоа искуство го преобрази мојот идеализам во покритично размислување за ограничувањата на меѓународното право. За жал, тоа го гледаме и во денешницата: без структурирани механизми, правдата е условена од политичката волја на моќните држави и политички актери. Ја разбрав дихотомијата на меѓународното право, односно како додека очекуваме универзална правда, многу малку чекори правиме за да стигнеме до неа. МКС ми долови дека додека одговорноста е етичка нужност, правдата често доаѓа селективно и бавно. Сепак, тоа не значи дека не верувам во меѓународното право, бидејќи да не верував, немаше да ми биде сон да го студирам. Верувам реалистички и критички. Го гледам како незавршен проект и се надевам дека со моите студии ќе разберам каде и како овој систем пука и како може да се поправи.

Сумирано, претпоставувам сите овие работи ти дадоа искуство, за да одбереш да се надградуваш во странство, знаејќи дека, во иднина, твоето образование и капацитет ќе возврати и помогне – на многу луѓе?
Се надевам дека да, но свесно избегнувам да ветувам или да очекувам премногу. Сите велат дека оваа област од правото е многу тешка, бидејќи е многу човечка. Она што го знам е дека одам таму да учам, не да се докажувам. А она што ќе го направам со тоа образование, ќе зависи од тоа што ќе видам и научам таму. Доволно е засега да знам дека сакам да бидам корисна, а се’ уште откривам на кој начин тоа ќе се развие.
Што би им препорачала на средношколците од Македонија што сакаат да студираат во странство? Можеби да се тргнат од онаа пасивно чувство дека „не можам“, туку да се поттурнат себеси?
Би им го кажала токму она што јас не го правев доволно долго: да пробаат, дури и кога не веруваат во себе. Јас не се замислував на „Колумбија“ и сепак еве ме. Најголемата пречка не беа оцените, не беше јазикот, не беше системот, бев јас самата. Македонија дава солидна основа. НОВА, другите добри училишта, интернационални програми и слично – постои капацитет тука. Само треба да се поднесе апликација. Најлошото нешто што може да се случи е одбивање, а и тоа не е крај на светот. Пасивноста не доаѓа од недостаток на талент, туку од недостаток на самодоверба. А самодовербата не доаѓа пред да пробаш, таа доаѓа откако ќе пробаш. Секој ден се учи нешто ново, ако си доволно храбар да пробаш.


