Министерството за животна средина попушти по реакциите – инспекциските контроли на загадувачите пак ќе се објавуваат јавно
Откако иницијативата „Стоп за Усје“ реагираше дека јавноста останува исклучена бидејќи Инспекторатот за животна средина прекина да ги објавува извештаите од своите надзори, се јави Министерството за животна средина, кое вели дека „останува доследно на определбата за поголема транспарентност и навремено информирање на јавноста за состојбите во животната средина“.
Препорачано
„Редовното објавување на информациите за извршените инспекциски надзори претставува важен инструмент за информирање на граѓаните и за јакнење на довербата во институциите. Оттука, неделните извештаи на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ќе продолжат да се објавуваат, иако за тоа не постои експлицитна законска обврска. Нашиот пристап е јасен – кога станува збор за информации од јавен интерес, особено во областа на загадувањето и заштитата на животната средина, стандардот треба да биде поголема, а не помала достапност на информации за граѓаните“, соопштува министерството.
Според министерството, во истата насока е и активноста за воспоставување Регистар на загадувачи.
„Во тек е подготовка на потребните технички решенија, а ќе бидат иницирани и соодветни законски измени за да се обезбеди негово целосно функционирање и јавна достапност. Целта е граѓаните да имаат повеќе информации, полесен пристап до податоци и поголема можност да ги следат состојбите и постапувањето на институциите. Тоа е обврска што произлегува и од нашите реформски заложби и од европските стандарди за транспарентност“, стои во соопштението.
Македонија повторно меѓу најзагадените критични точки на стариот континент
Ова доаѓа откако „Стоп за Усје“ обвини дека Инспекторатот ја укинува единствената практика преку која граѓаните редовно добиваа информации за инспекциските контроли, без образложение и без претходна најава.
Активистите прашаа како укинувањето е усогласено со целите на ЕУ Твининг проектот и со, како што рекоа, заложбите за поголема транспарентност наведени во годишните програми на институцијата.
„Додека министерот Хоџа во март бомбастично најавуваше јавно достапен Регистер на загадувачи – преку кој носителите на интегрирани дозволи ќе треба редовно и транспарентно да ги објавуваат резултатите од мерењата на емисиите – ДИЖС, институција која работи под капата на МЖСПП, во меѓувреме ги укина единствените јавно достапни информации за извршените инспекциски контроли токму кај тие загадувачи“, стоеше во реакцијата.


