Израел изврши повеќе напади врз Јужен Либан, загинаа четворица
Израелските сили денес убија четворица и повредија најмалку 14 во десетина напади низ Либан и покрај напорите за спроведување на прекинот на огнот, пренесува Анадолу.
Препорачано
Објавената статистика ги опфаќа нападите што беа евидентирани во 08:12 часот по Гринич.
Во провинцијата Набатије загина едно лице и едно е повредено кога во израелски напад е погодена зграда во близина на полициската станица во градот Дуеир, при што е уништена.
Тројца загинаа во друг израелски напад врз овој град, со што бројот на загинати таму се искачи на четири, пренесе агенцијата.
Израелски беспилотни летала, исто така, извршија серија напади врз градовите Хабуш и Аба, како и врз мотоцикл во близина на крстосницата Популар Еид, при што е повредено едно лице.
Извршени се и артилериски гранатирања кон Кфар Руман, Набатие ал-Фавка и периферијата на Шукин и Мајфадун, додека израелско беспилотно летало го погоди подрачјето околу кружниот тек Харуф-Тул.
Во Тир повредени се 12 лица во напад во близина на болницата „Џабал Амел“, во кој беше уништена зграда што ѝ припаѓа на Банк Ауди. Тимовите на цивилната заштита ги пренесоа повредените во болницата, јави агенцијата.
Нападите се извршени и покрај кревкиот прекин на огнот што е на сила од 17 април, кој Вашингтон го продолжи до почетокот на јули.
САД завчера објавија дека Либан и Израел наводно се согласиле на целосно примирје, под услов Хезболах, група поддржана од Иран, да прекине со огнот и да ги повлече своите борци од Јужен Либан по границата со Израел.
Сепак, тоа не се случи. Водачот на либанската шиитска група, Наим Касем, ги нарече разговорите срамота, отфрлајќи ја најавата на Вашингтон како „сценарио во кое дел од либанскиот народ ќе биде истребен, а остатокот ќе биде поробен“. Истовремено и израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека Израел засега ќе продолжи со нападите врз Либан.
„Додека има окупација, ќе има отпор“ – Хезболах го отфрли планот за примирје меѓу Израел и Либан


