ИНТЕРВЈУ | Кирил Арсовски Пржо, биолог и еколог: Ел Нињо може значително да влијае врз биодиверзитетот во Македонија
„Во Македонија особено е важно да се заштитат шумите од пожари, да се обновуваат деградираните живеалишта, да се подобри управувањето со водните ресурси и да се зачуваат заштитените подрачја како бастиони на биолошката разновидност“, вели Кирил.
Светскиот ден на животната средина, кој се одбележува на 5 јуни, нè потсетува на значењето на грижата за природата и нашата околина. Климатските промени се еден од најголемите глобални предизвици и затоа е важно да ги потенцираме нивните последици, но и можните решенија за заштита на животната средина.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во интервју за „Слободен печат“ разговараме со Кирил Арсовски Пржо – еколог, професор по биологија и активист за подобра животна средина, за влијанието на климатските промени во светот и Македонија, за природниот феномен Ел Нињо и стратегиите за заштита и намалување на негативните последици од климатските промени.
Оваа година одбележувањето на Светскиот ден на животната средина е во фокусот на климатските промени. Како глобалните климатски промени влијаат врз биодиверзитетот во различни делови од светот?
– Глобалните климатски промени сè повеќе влијаат врз биодиверзитетот на Западен Балкан и во Македонија. Природата функционира како сложена мрежа во која секој вид има своја улога. Кога температурите растат и режимот на врнежи се менува, таа рамнотежа се нарушува. Во Македонија се забележуваат почести суши, топлотни бранови и шумски пожари, што ги загрозува шумските екосистеми и многу растителни и животински видови. Планинските видови на Шар Планина и Маврово, на пример, се особено чувствителни бидејќи имаат ограничен простор за преселување кон повисоки и постудени подрачја. Во езерските екосистеми, како Охридско Езеро, промените на температурата и водостојот можат да влијаат врз ендемските видови. На ниво на Западен Балкан, климатските промени дополнително го зголемуваат ризикот од губење на живеалишта, намалување на биолошката разновидност и нарушување на природните екосистеми.

Вие сте биолог, еколог и активист за подобра животна средина. Според вас, кои видови растенија и животни во Македонија се најранливи на климатските промени и губењето на природните живеалишта?
– Според мене, најискрениот одговор е дека не знаеме со сигурност кои видови во Македонија се најранливи и токму тоа е еден од најголемите проблеми. Не затоа што немаме вредни научници и истражувачи, туку затоа што немаме доволно развиени и континуирани државни системи за мониторинг на биодиверзитетот. За да кажеме дека некој вид е во сериозен ризик, потребни се долгорочни податоци: дали популацијата расте или опаѓа, како се менува распространетоста, какво е влијанието на сушите, пожарите и климатските промени. За голем број растенија, инсекти, водоземци и други групи во Македонија такви податоци се ограничени или воопшто не постојат. Секако, можеме да претпоставиме дека особено ранливи се ендемските видови поврзани со специфични живеалишта.
Затоа денес најголем предизвик не е само климатската криза, туку и недостатокот на податоци. Не можеме ефикасно да заштитиме нешто што не го следиме. Потребни се национални програми за мониторинг, редовни теренски истражувања и долгорочни бази на податоци. Науката не може да донесува добри решенија без информации, а добрата заштита на природата започнува токму со мерење, следење и разбирање на состојбата на терен.
Периодов постојано слушаме за Ел Нињо. Кажете ни како овој природен феномен може да влијае врз земјоделството, шумарството и водните ресурси во Македонија?
– Ел Нињо е климатски феномен што се создава во Тихиот Океан, но неговите последици можат индиректно да се почувствуваат и во Македонија. Иако влијанието не е секогаш исто, Ел Нињо често се поврзува со потопли и посуви периоди во делови од Европа. Во Македонија тоа може да доведе до повисоки температури, подолги сушни периоди и зголемен ризик од шумски пожари. Намалените врнежи влијаат врз реките, езерата и влажните живеалишта, што ги загрозува растителните и животинските видови зависни од вода. Во сите водни и влажни екосистеми, промените во температурата на водата можат да влијаат врз рибите и другите организми. Покрај тоа, сушите можат да го намалат приносот на растенијата, што се одразува врз целите синџири на исхрана, но овој ефект може да биде значаен и врз земјоделството и производството на храна. Затоа, иако Ел Нињо се случува далеку од Балканот, преку промените во глобалната атмосфера може значително да влијае врз природата и биодиверзитетот во Македонија.

Сушите и екстремните временски услови сѐ повеќе влијаат врз биодиверзитетот. Кои мерки сметате дека треба да се преземат на локално и глобално ниво за заштита и намалување на негативните последици од климатските промени?
– Сушите и екстремните временски услови сè повеќе ги загрозуваат природните екосистеми во Македонија. За намалување на негативните последици потребни се мерки и на локално и на глобално ниво. Во Македонија особено е важно да се заштитат шумите од пожари, да се обновуваат деградираните живеалишта, да се подобри управувањето со водните ресурси и да се зачуваат заштитените подрачја како бастиони на биолошката разновидност.
На глобално ниво, неопходно е намалување на емисиите на стакленички гасови, поголема употреба на обновливи извори на енергија и меѓународна соработка за заштита на биодиверзитетот.
Клучна улога имаат научните истражувања. Преку долгорочно следење на климатските промени и состојбата на видовите, научниците обезбедуваат податоци за навремено препознавање на ризиците и донесување ефикасни мерки. Науката ни овозможува подобро да разбереме како климатските промени влијаат врз екосистемите и да развиеме стратегии за нивна заштита. Затоа, вложувањето во истражувања, мониторинг и едукација е една од најважните инвестиции за зачувување на природното богатство на Македонија.

Каква улога имаат граѓаните, локалните заедници и младите во заштитата на животната средина? И дали гледате промена во еколошката свест кај луѓето во последните години?
– Граѓаните, локалните заедници и младите имаат клучна улога во заштитата на животната средина. Иако често се мисли дека најголемата одговорност е кај институциите, вистината е дека секој граѓанин може да придонесе преку своите секојдневни избори, учество во локални иницијативи и поддршка на политики што ја штитат природата. Особено важна е улогата на младите, кои сè повеќе покажуваат интерес за климатските промени, биодиверзитетот и одржливиот развој. Во последните години се забележува пораст на еколошката свест во Македонија, особено кога станува збор за загадувањето на воздухот, управувањето со отпадот и заштитата на природните богатства. Сепак, свеста треба уште повеќе да се претвори во конкретна акција и активно граѓанско учество. Една од најсилните алатки што граѓаните ја имаат е гласачкото ливче. Преку изборниот процес тие можат да поддржат политики, програми и избрани претставници кои нудат конкретни решенија за заштита на животната средина. Со гласањето, граѓаните не одлучуваат само за економски или политички прашања, туку и за тоа каква животна средина ќе оставиме на идните генерации. Затоа, еколошката одговорност не завршува со рециклирање или садење дрвја – таа вклучува и активно учество во демократските процеси, бидејќи токму преку нив се носат одлуките што долгорочно влијаат врз природата и


